Обвинувањата против Цементарница УСЈЕ АД Скопје се невистинити, па затоа ќе покренеме правна постапка во интерес на вистината, реагираа денеска од цементарницата, откако градските власти соопштија дека ја поднеле најавената кривична пријава против нив, во која одговорност освен од правното, се бара и од одговорното лице, Борис Хрисафов.
„При вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3 и 4 јануари, во присуство на инспектори од град Скопје, потврдено е дека емисиите од производниот процес во цементарницата се пониски од дозволените гранични вредности“, наведено е во соопштението од цементарницата.
Оттаму тврдат дека производниот процес се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди, а производството автоматски запира доколку филтрите не работат.
„Поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите се употребуваше мазут што е дозволен енергенс согласно А-Интегрираната еколошка дозвола. При оваа вонредна контрола, кај парниот котел, кој не е дел од производниот процес и е исклучиво наменет за загревање на просториите, беше регистрирано отстапување кај еден параметар од мерењата. Оттука, неосновано е врз основа на еден параметар каде што беа утврдени повисоки вредности, да се носи заклучок дека компанијата е виновна за состојбите со загадувањето“, потенцираат оттаму.
Од „Титан Усје“ велат дека многу јавни објекти во градот продолжуваат да користат мазут за загревање, а јавноста не е информирана дали на овие објекти се вршат какви било мерења.
„Целосна невистина е дека цементарницата влијае на загадувањето во главниот град. Тоа го потврдуваат сите наши извештаи кои се доставувани до институциите, како и независните мерења од акредитирани лаборатории. Со оглед на фактот, дека во јавноста се изнесуваат обвинувања и констатации кои не се поткрепени со факти или со научни докази, а во насока на заштита на вистината, ние ќе покренеме соодветна правна постапка пред надлежните органи“, додаваат оттаму.