Во Основен суд Скопје 1 пред малку пристигнаа поранешните министер и вицепремиер Миле Јанакиески и Владимир Пешевски, а се чека и Никола Груевски, пред да почне судењето за случајот на Специјалното јавно обвинителство „Траекторија“, во кој се обвинети за злоупотреба на службената положба за незаконско склучување договори за изградба на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип. Притоа, нанеле штета на буџетот на Република Македонија од најмалку 155 милиони евра, стои во обвинителниот акт од СЈО.
Иако претходно најавено, во судот денеска најверојатно нема да има рочиште за предметот „Труст“ во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на електрани на Македонија. Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.