„Траги од два света“ е насловот на колективната изложба на уметници од Словачка што ќе биде отворена утревечер во 19:00 часот во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (Бул. 8. Септември бр.10).
Изложбата е дел од проектот „Словачки уметнички патишта 2024“, копродукција помеѓу „PointA o.z. Slovakia“ и ФЛУ. Куратори се Бранискав Зурко и Адам Мачко. Ќе бидат изложени дела (хартија, цртеж, графика и нејзините преклопувања) од Игор Бенча Луција Фабова, Марек Халаш, Адам Мачко – Роберт Макар, Матуш Мататко, Ева Мофларова, Јулијана Мрвова, Станислав Пиатрик, Владимира Вајс Савканичова, Дениса Славковска, Патрик Шевчик, Петер Валиска-Тимечко и од Владимир Вајс.
Проектот е поделен на три дела: колективна изложба со наслов „Траги од два света“, перформанси насловени „Матрицата како ринг“ (што ќе се одржат утревечер) и „Корео_графика и придружни настани“ (презентации, предавања, тури со водич, разговори со уметници и работилници) закажани за петок (16 август) во 9.30 часот.
Изложбата ќе биде отворена до 30 септември.