Членови на Коалицијата за промени и правда се партиите Демократски сојуз и МОРО- Работничка партија и здруженијата ФРОДЕМ и ДЕМОС.
Слоганот на оваа коалиција е „Не се плашете, режимот паѓа“.
„Тука сме не да се претставиме кои сме, туку да го обзнаниме почетокот на крајот на тиранската власт наречена злосторничко здружение. Неодамна лидерот на тоа злосторничко здружение за мене и за лидерот на овој блок, Павле Трајанов, изјави дека сме марчни слики. Јас му одговарам да, ние ќе ви бидеме вашиот мрак“, рече Слободан Богоевски, поранешен разузнавач и носител на кандидатската листа.
Тој нагласи дека власта ќе биде казнета за сѐ што направи, за одземената слобода, за корупцијата, рекетот, за невините жртви во монтирани политички и криминални процеси, како и за капиталот кој е изнесен од Македонија.
„Ќе ги казниме затоа што ги земаа надежта и перспективата на младите. Мора да падне режимот, тоа го знаат и самите тие. Мора јасно да му кажеме на нашиот народ напатен што ние сакаме, ние сакаме слободна Македонија, држава на слободни граѓани, владеење на правото и правдата како врвен принцип, еднаквост за сите“, рече Богоевски.
„Ние не ви нудиме кандидати кои се обвинети и осомничени за сторени тешки кривични дела. Не ви нудиме кандидати за кои се води предистражна или истражна постапка, па дури и аболирани кандидати. Немаме носители на листи кои се дојдени на привремена работа во Република Македонија да си одработат и наплатат, па да се вратат во нивната резервна држава“, рече Јове Кекеновски, носител на кандидатската листа во изборната единица два од Коалицијата за промени и правда.
„Денес, кога по заслуга на партиската врхушка сме доведени пред работ на опстанок на нашата држава, кога најголем дел од нас се срамат и се гневни на тие лажни патриоти, на псевдонационалисти, на клептоманите, профитерите, на лажните моралисти и недоразвиените политички ембриони како оној со колата кога бегаше, на сите нас ни е јасно дека е дојдено време за промени и правда“, рече Кекеновски.
Тој повика на охрабрување на народот, да се разбуди свеста и совеста со цел да се казнат оние кои според него го посеале семето на раздор во Македонија.
„Без оглед на фактот што партиите на власт со помош на корумпираните медиуми со пари украдени од граѓаните веќе ја започнаа операцијата перење на мозок, повеќе сум убеден дека на граѓаните им е јасно дека тоа е лага“, рече Кекеновски.