“Со потпишување на договорот во кој има одредби кои се спротивни на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за изградба на коридорите 8 и 10 д, како и на одредби од законите за урбанистичко планирање, градење, експропријација и работни односи, се работи за класична злоупотреба на службената положба и постојат основани сомненија за кривична одговорност.
Обидот на Владата преку пратеници да предложи 9 закони, беше неуспешен за дел од тие закони, сега Владата предлага пет од нив, но по скратена постапка и со европско знаме, со цел тие да бидат донесени без можност да бидат „блокирани“ од пратеници кои не се согласуваат со решенијата содржани во предлог-законите.
Овие закони ги предлага со европско знаме, но се работи за класична злоупотреба, бидејки предложените измени не се во насока на усогласување на нашите закони со законодавството и стандардите на ЕУ.
Доколку Парламентот ги усвои овие пет закони, во суштина ќе се случи тежок институционален криминал, бидејќи ќе се амнестираат од одговорност сите министри и премиерот и ќе се легализира грабеж од огромни размери.
Одлуката и одговорноста е кај пратениците, или ќе спречат грабеж на столетието или ќе ги амнестираат министрите и потписниците на овој коруптивен договор, кој пратениците не можат да го видат,” изјави Трајанов од Демократскиот сојуз.