“ТРИ – КРУГА ЗА ДА БИДАМ ТАМУ” – Изложба на Марија Чепишева во МКЦ

Сподели

 

МКЦ, 28 април, 20 часот

Времето во кое живееме често се нарекува дигитален начин на живеење, време кога се ценат фотографски, дигитални, подвижни, екрански и многу други слики… Се зборува за враќање на сликовност или нови ликовности, а веќе подолго време и за виртуелни стварности, што во некоја смисла означува нова, сликовна реалност на светот.
 
Сликата не е негирана, ниту е заменета. Начинoт е сосема поинаков, само е поместен преносот, метафизички ситуиран на рамен начин, на нови, пред сè, екрански дигитални простори.
 
Кога е во прашање ликовната графика, на почетокот на овој век компјутерска графика го има добиено своето рамноправно место меѓу традиционалните графички дисциплини.
 
Дигитална графиката што е создадена со компјутер и се реализира со помош на компјутер (компјутерски алатки), претставува компјутерска графика, односно компјутерски печат, и дава можност за добра поврзаност со традиционалните техники на печатење, кои користат плоча и преса. Тој спој на традиционално и модерно е всушност хибридна графика, која е поле на истражување кај Марија Чепишева. Мултидисциплинарниот пристап е најсодветен начин преку кој графичарката Марија Чепишева успева да се изрази и докрај да ја заврши замислената идеја. Современиот метод на реализација ѝ отвора големи можности да го реализира својот креативен потенцијал на најновиот циклус графики до совршенство. Целта на реализираните графики е да ја доближат, да ја обработат идејата преку симбиоза меѓу мануелни и дигитални графички решенија.
 
Марија обработува фотографии, како и завршени матрици, правејќи спој на различни варијации, навлегувајќи во море на различни можности и предизвици. Врската меѓу идејата и мотивот оди кон концепт што во целост како завршено дело нè упатува кон процесот на дигитална обработка, преку која посматрачот тактилно се приближува кон делото. Познавајќи го јазикот, дружејќи се со него, изразувајќи го во комуникација и практично поврзувајќи го, авторката прави спој со мотивот од точка кон круг, кругот како знак симбол, а мотивите од секојдневниот живот како еден неисцрпен постојан предизвик за создавање живот, кој нè опкружува дефинирајќи го нашето постоење. При дигиталниот процес, Марија Чепишева допечатува веќе избрани графички отпечатоци, ги обработува, ги исцртува во моментот според барањата на проблемот што го решава, се навраќа сè до оној момент кога доаѓа до финалната обработка. Различни подлоги хартија, форекс, плексиглас, платно се концептот на пренесување на нејзината реализација, за нас непознат графички пристап на круг, коцка, правоаголник, кои ги печати во големи димензии, што ја прави специфична како графичарка препознатлива на македонска ликовна сцена. Врз дигиталните отпечатоци Марија рачно интервенира со матрици од одредени сегменти, кои ги приспособува на подлогата и интервенира со четка, креда, јаглен, при што на замислениот концепт му дава душа, свој личен печат.
 
Долгогодишното собрано знаење, прелеано во новите дигитални можности што ги нуди компјутерската графика, дава свежина и нуди живот во новиот циклус, ,,Три круга за да бидам таму“. Круг, вечниот живот, симбол на почетокот и крајот, или пак продолжение на една приказна што нема крај. Светот е како круг, брз и динамичен, сличен во карактерот на нејзиното творештво, неуморно како пчела летејќи од цвет на цвет, од точка до точка, за на крајот да добие круг. На патот на Марија, првиот круг е надеж, вториот решение, а во третиот круг се наоѓа повторно себеси и се става на патот како круг, бесконечен и просторен, барајќи повторно пат да се пронајде во некој друг круг. Фрагментите од детски цртежи од нејзината ќерка се најчесто инспирација како појдовна идеја, како сегмент со детски портрети и цвеќиња, кои најчесто асоцираат на желба, тага, на среќа вткаена како посредник од детството.
 
Мирисот на лалињата, јоргованите, и особено божурот, ја потсетува на нејзината мајка и ѝ буди чувства што авторката сака да ги пренесе, потсетувајќи ја на минатото, но и создавајќи една нераскинлива врска со сегашноста. Марија успева графичките решенија да ги приближи до слика давајќи му уште една задача на посматрачот – дигиталните графики да ги доживее како слики. Клучен елемент на постдигиталниот печат е во тоа што фундаментално се интегрира со традиционалната аналогија, односно сите традиционални техники што користат матрица и преса, а ова е добар пример за симбиоза меѓу нова технологија и класични графички дисциплини, нешто што Марија Чепишева совршено го владее и го вметнува во својот најнов графички опус, – академик Фехим Хусковиќ
 
Изложбата ќе биде поставена до 8-ми мај.