Гостин на ТРИ ќе биде славниот режисер Срѓан Драгојевиќ, кој ќе ја промовира својата книга „Чат-пат е добро да се читне некоја книга за да не се испадне глупав во друштво“.
За Саемот на книгата, кој ќе се одржи од 18 до 24 април во Спортската сала „Борис Трајковски“, ТРИ подготви многу новитети од домашни автори и преводи на светски бестселери, големи попусти до 80 % и понуда од над 600 наслови. Гостин на ТРИ ќе биде славниот режисер Срѓан Драгојевиќ, кој ќе ја промовира својата книга „Чат-пат е добро да се читне некоја книга за да не се испадне глупав во друштво“.
ТРИ овој Саем го посветува на домашните писатели и автори од регионот кои читателите ќе имаат можност да ги сретнат на самиот Саем – пристигнуваат неверојатните есеи на Горан Стефановски „Пофалба на обратноста и други есеи“, како и илустрирано издание на безвременскиот текст „Писмо до внуката“, новиот есеистички наслов на Румена Бужаровска „Господ, па Америка“, романот на годината „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска, „Фрески и гротески“ и „Азбука за непослушните“ од Венко Андоновски, како и прирачник за трајно здравје од Маја Волк.
За Саемот ексклузивно пристигнува и новата книга од Робин Шарма „Богатство што не се купува со пари“, како и Влијание“ од Роберт Чалдини, „Остани безгрижен со Епиктет“ од Јана Капри и Чаран Дијаз и „Човековата потрага по смисла“ од Виктор Франкл.
Саемското искуство ќе биде исполнето со одлична агенда – средби со авторите ексклузивци на ТРИ и гостите од странство, како и со многу промотивни настани посветени на актуелните наслови од издавачката програма на издавачот. Агендата ќе биде објавена на социјалните медиуми и на профилите на ТРИ, заедно со саемските каталози во кои ќе можете да ја разгледате целата понуда и сите наслови.
Ве покануваме на едно ново саемско искуство – вистинското место да се пронајде смислата на постоењето преку мислите во книгите.