ТРИ на саемот на книгата: Влези, прочитај, процветај

Сподели

Овој Саем на книгата на штандот на ТРИ ќе ве пречекаат многу (новитети од) домашни автори и преводи на светски бестселери, големи попусти до 80 % и понуда од над 600 наслови. 

Саемското искуство ќе биде збогатено со книжевни средби со ексклузивците на ТРИ и едни од најистакнатите македонски автори – Румена Бужаровска и Венко Андоновски, како и книжевни промоции, читања и музика. 

На Саемот, на 10 мај,  на штандот на ТРИ ќе гостува Патриша Марш-Стефановска, авторка на историска фикција и публицистика, како и преведувачка, меѓу другото и на драмите на Горан Стефановски на англиски јазик. Нејзината книга „Наспроти мојата животна филозофија“ е прво издание на македонски јазик, а претставува мемоари за необјаснивото, кои не само што одблиску нè запознаваат со животите на нејзините блиски луѓе туку нè водат и подлабоко во невидливите нишки што нè спојуваат. 

„Тони“, првиот роман на Румена Бужаровска, доживува трето издание, а саемската средба со авторката ќе се случи на 9 мај, петок. На 11 мај, недела, читателите ќе се сретнат со писателот Венко Андоновски.  

Од бестселерите ќе ги најдете „Дневникот на еден извршен директор“ од Стивен Бартлет, „48 закони на моќта“ од Роберт Грин, „Луѓето од свадбата“ од Алисон Еспак, а секако и новитетите што неодамна пристигнаа, меѓу кои е и најдоброто од Доли Олдертон – „Сѐ што знам за љубовта“. 

Старите добри наслови секако можете да си ги набавите и на овој Саем, заедно со многу книжевни совети благодарение на тимот на ТРИ. 

Овој Саем на книгата заедно да создадеме градина од идеи и блескави мисли. Овој Саем нека биде нашето ново будење.