ЦИВИЛ: 9 Мај, борбата продолжува!

Сподели

Патот кон слободна и демократска Македонија е долг и трнлив, и бара многу напори и жртвувања, но тоа неминовно ќе се случи. Слободоумните и продемократски сили, политички свесните граѓанки и граѓани на Македонија го најдоа својот пат од кој нема откажување.

9 Мај не е само историски ден кој треба да одбележи нешто од минатото, туку и да нѐ потсети дека борбата не е завршена, дека и понатаму треба со сите сили да се бориме против неправдите, омразата и насилството што ги предизвикуваат националисти, екстремисти и радикали на сите нивоа.

9 Мај е и потсетник на Диво Насеље, жестока безбедносна криза што ја предизвика криминално-терористичката група на Мирсад Ндрецај, еден од најмрачните и најтрауматичните настани од владеењето и падот на режимот на Никола Груевски.

Колку иронично и да изгледа, оваа „мала“ крвава војна во Куманово придонесе за премостувањето на етничките разлики, организирањето на протести каде граѓанките и граѓаните без разлика на нивната етничка припадност успеаја да останат сплотени околу една и единствена цел, а тоа беше рушењето на режимот на Груевски. Наспроти континуираната систематска операција да се внесе раздор и етнички тензии и на тој начин да се владее со страв, закани и насилство, гледаме едно созревање на граѓанството во Република Македонија. Македонското општество созреа, како на политички, така и на општествен план, разви политичка култура која му даде нов квалитет на живеењето во земјата.

Четири години по крвавиот 9 мај во Диво Насеље – Куманово, ЦИВИЛ – Центар за слобода потсетува и повикува на одговорност на институциите и сите политички субјекти во земјата.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги потсетува институциите дека имаат одговорност пред граѓанките и граѓаните на Македонија, за расчистување на овој случај, транспарентно и објективно.

На овој ден го победивме фашизмот во 1945. Ќе ја продолжиме борбата и понатаму! Среќен 9 мај!