Големиот мултимедијален настан кој како дел од Караванот на слободата, во петокот се одржа во Кавадарци, започна со дебатата на тема „Македонија: со или без слобода“. Во дебатата учествуваа Ирена Стеријовска, режисерка и граѓанска активистка, Жарко Стеваноски, адвокат, Ненад Јовановиќ, граѓански активист и Душко Груевски од здружението на граѓани „За нас се работи“.
Пред присутните кавадарчани и оние кои со организиран превоз, што го обезбеди Караванот на слободата, пристигнаа во Кавадарци од соседните општини, се отворија повеќе прашања за тоа колку е значајна слободата, колку е тешко да се биде слободен и кои се начините кои граѓан(к)ите ги имаат на располагање да се изборат за слободата.
Стеријовска како дел од Шарената револуција зборуваше за протестот како форма за изразување на револт и несогласување со деструктивните политики на владејачката гарнитура. „Во сивилото во кое живееме Шарената револуција ќе се случеше и без срамната аболиција на претседателот Иванов“, смета Стеријовска, според која во ситуација кога партијата на власт не се бори за правата на граѓан(к)ите, останува на нив борбата да ја земат во свои раце.
На прашањето како е да се биде адвокат кој ги брани оние на кои се соочуваат со пријави и казни само затоа што се дел од протест или зборуваат гласно против власта, Стеваноски ја истакна поделбата на подобни и неподобни адвокати. „Да се биде адвокат од опозиција значи постојано да се под притисок и да наидуваш на опструкции во својата работа“, вели Стеваноски кој преку својата професија во Прилеп се обидува да им ја обезбеди слободата на оние на кои таа им е одземена.
Граѓанскиот активист од Кавадарци, Ненад Јовановиќ, ги претстави проблемите со кои активистите се соочуваат и на локално и на национално ниво. „Се соочуваме со ситуација кога еден човек во државата е експерт и е одговорен за се. На локално ниво тоа е градоначалникот на Кавадарци, на национално ниво тоа е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ“, посочи Јовановиќ кој зборуваше и за одговорноста која со себе ја носи слободата.
Активистот Душко Груевски, зборуваше за тоа како тој успева да направи баланс меѓу световното и светото, за улогата на граѓанскиот сектор и за тоа колку слободата е нешто за кое сите ние треба да се избориме. Зборувајќи за проблемите со кои се соочува Битола, и за местото на граѓаните во донесувањето на одлуки на локано ниво, соопшти дека на следните локални избори, „За нас се работи“, ќе излезе со независна предлог-листа на советници, со луѓе кои не се дел од ова здружение, но се професионалци во својата работа.
Дебатата беше дел од проектот Караван на слободата, кој го спроведува ЦИВИЛ – Центар за слобода, со поддршка од УСАИД. Мултимедијалниот настан што се одржа во Кавадарци беше трет од предвидената серија, а следуваат и настаните во Тетовоо, Куманово и Штип и три големи настани во Скопје.