ЦИВИЛ: Две години граѓански отпор, одговорните за бруталноста, сè уште се на слобода

Сподели

„ЦИВИЛ – Центар за слобода, на втората годишнина од протестите на 5 мај и од бруталната пресметка на полицијата со ненасилните демонстранти, ја потсетува јавноста дека одговорните за тешката криза, криминалот и газењето на човековите права сè уште се на слобода и продолжуваат со дестабилизација на Република Македонија.

Монструозноста за која се дозна од прислушуваните материјали за прикривањето на бруталното убиство на Мартин Нешковски во 2011 година, предизвика спонтани и ненасилни протести на 5 мај 2015 година. Илјадници граѓанки и граѓани излегоа на улиците да го изразат својот револт, барајќи правда и повикувајќи на оставки и одговорност од тогашната министерка Јанкуловска, експремиерот Груевски, ексдиректорот на УБК Мијалков, инаку осомничени во повеќе истраги на Специјалното јавно обвинителство.

Полицијата тогаш ја бранеше бруталноста со бруталност. Специјалците тепаа без милост на самото место на протестот, но откако ги растурија протестите, се вдадоа во бесна потера по сите што во тие часови беа на улиците. Тие тепаа и апсеа луѓе кои беа далеку од местото на протестите. Во таа своја ноќна казнена експедиција, специјалците стасаа дури до библиотеката „Браќа Миладиновци“ и таму ги нападнаа студентките и студентите кои читаа и подготвуваа испити.

Полицијата не обрнуваше внимание на легитимации, а уште помалку на тоа дека демонстрантите беа ненасилни. Многумина активисти, новинари, како и набљудувачи на ЦИВИЛ беа повредени таа ноќ. Власта ги малтретираше уапсените и ги прогонуваше со месеци потоа, во монтирани судски процеси, придружени со валкана медиумска пропаганда која трае до денешен ден.

Овој ден нека остане запаметен како важен датум во борбата за демократија, правда и слобода. Борбата продолжува“ се вели во соопштенето на ЦИВИЛ.