ЦИВИЛ го честита Први Мај: Пандемијата и економската криза не смеат да бидат изговор на капиталистите за кршење на работничките права!

Сподели

 

ЦИВИЛ им го честита 1 Мај на сите работнички и работници во Република Северна Македонија и во светот. Овој ден е посветен на работничкиот протест и на гласните барања да се престане со нечовечниот и експлоататорски однос кон работничките и работниците.

ЦИВИЛ ги повикува синдикатите, граѓанските организации, политичките партии да се вклучат во борбата за социјална правда и работнички права.

Првата и најголема жртва на економските последици од пандемијата се токму работничките права. Затоа, не е доволна само политичката волја и мерките на владата, туку вклучување на целото општество. Крајно време е да се покрене вистинска и доследна акција за заштита на работничките права во услови на пандемијата која ѝ зададе силен удар на светската економија. Уште поважно од тоа е да не се користи економската криза како изговор за намалување на работничките права, туку нивно унапредување, на сметка на дебелите профити на капиталистите.

Пандемијата и економската криза не смеат да бидат изговор на капиталистите за кршење на работничките права!

ЦИВИЛ ги повикува политичките партии, владата и собранието да работат на дополнително менување на законите во полза на работничките права и нивно доследно спроведување.

Дел од работничките и работниците во Северна Македонија работат во тешки услови, најчесто без основни средства за заштита при работа, а се чести жртви и на мобинг на работното место. Жените работнички и самохраните мајки се во уште потешка положба.

Препознатлива е политичката волја и реформите во доменот на социјалната правда и работничките права во последните три години, но тоа не е доволно. Потребно е вклучување на целото општество: охрабрување на жртвите на кршењето на работничките права да пријавуваат, вистински синдикати чија основна и единствена цел се работничките права, граѓански организации што гласно говорат и медиуми кои не ги кријат фактите.

ЦИВИЛ ги повикува работничките и работниците да пријавуваат кршење на нивните права, мобинг и дискриминација. Најважно е прво тие да се охрабрат и гласно да ги побараат своите права, бидејќи им припаѓаат!

Среќен 1 Мај!