Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ даде прелиминарна оценка за денот на гласањето на Референдумот, на прес конференцијата во 18 часот. Неговата изјава ја пренесуваме во целост:
Референдумскиот ден измина без посериозни инциденти, но со голем број помали и поголеми нерегуларности. Овој ден ќе го запомниме по масовното кршење на изборниот молк и попречувањето на гласачите да ја изразат својата волја на референдумот.
На стотици избирачки места ширум земјата, стојат помали групи активисти на опозицијата и на Бојкотирам и на начин неприфатлив за било кој демократски процес, го попречуваат гласањето, ги навредуваат и им се закануваат на граѓанките и граѓаните што сакаат да го остварат своето гласачко право.
Нивниот атак на социјалните мрежи, според сведочењето на голем број граѓанки и граѓани, заканата дека јавно ќе бидат стигматизирани со објавување на нивните фотографии и снимки имаше негативен ефект на целиот процес. На овој процес сведочиме на исклучително агресивна кампања со свесно и намерно грубо кршење на низа закони и дејствување против сите демократски стандарди.
Понатаму, се остварија прогнозите на ЦИВИЛ дека Избирачкиот список ќе ги покаже слабостите на сметка на гласачкото право. Стотици граѓанки и граѓани пријавија или беа нотирани од набљудувачите на ЦИВИЛ дека не можеле да се најдат на Избирачкиот список. Набљудувачите пријавија и два извештаи според кои во Избирачкиот список фигурираат починати лица.
На овој изборен процес имавме извонредно висока бројка од набљудувачи кои дејствуваат спротивно на Кодексот за набљудување и на Изборниот законик. Дел од набљудувачите на одредени организации акредитирани за набљудување на референдумот правеа сѐ освен набљудување. Тие ги евидентираа гласачите и вршеа агитација.
Дел од изборната администрација не беше доволно добро подготвена за овој предизвик. Немаа доволно информации што можат да направат граѓанките и граѓаните што имаат проблеми со Избирачкиот список, како и оние со попреченост или во низа други ситуации. Имаме и неколку пријави, од кои за еден дел веќе ја известивме јавноста, според кои членовите на избирачките одбори свесно ги кршеа процедурите и го отежнуваа процесот. Еден дел од членовите на избирачките одбори се забележани како евидентираат и агитираат, односно мобилизираат гласачи.