Oдредени политички партии нуделе поткуп на избирачите за да не излезат на прегласувањето кое ќе се одржи во недела, изјавија од граѓанската организација „Цивил“ на денешната прес-конференција во Теарце.
– Никој нема право на граѓаните да им го одземе правото на глас и секој обид да се спроведе некоја незаконска активност од типот на поткуп на гласачи е казниво со закон. Ние од теренот имаме сознанија дека во тек се активности за поткуп на гласачи. Постои обид да се намали излезноста на гласачите на прегласувањето во Теарце – изјави првиот човек на „Цивил“, Џабир Дерала.
Тој исто така вели дека за ова тврдење имаат докази и сведоштва.
– За ова тврдење имаме и сведоштва, прибавуваме и докази за ваквите дејствија од одредени политички партии. Дознаваме дека апстинирањето од гласањето во недела чини од 3.000 до 6.000 денари за глас – изјави Дерала.