ЦИВИЛ повикува најавените протести за „Монструм“ да се одржат без насилни инциденти

Сподели

По повод најавените протести по пресудата за обвинетите во случајот „Монструм“, ЦИВИЛ упатува силен повик до учесниците да протестираат мирно и достоинствено, да се придржуваат кон протоколите за заштита од Ковид-19, да не подлегнуваат на евентуални
провокации и да одбегнуваат секаков вид насилно однесување.

ЦИВИЛ ги повикува и органите на јавниот ред, во текот на протестите да ја извршат благородната задача на чувари на јавниот ред и мир, да не дозволат евентуални провокации да ескалираат во насилства, од ниту една страна, и да бидат на висина на својата задача најдобро што можат.
ЦИВИЛ ги повикува политичарите, медиумите и групите што генерираат онлајн содржини на социјалните мрежи да не шират лажни вести и говор на омраза, а својата потреба за политички профит да ја задоволат во некоја друга прилика.

Протестот е уставно загарантирано право на секој граѓанин на Република Северна Македонија, и со тоа право им се овозможува на граѓанките и граѓаните да си ги искажат своите незадоволства пред субјекти од интерес, и како таков, треба да се почитува, како
од пошироката јавноста, така и од државните органи, но пред сè, од организаторите и учесниците на протести.
ЦИВИЛ будно ги следи сите граѓански протести, и им порачува на сите засегнати страни да бидат достоинствени во своите намери и задачи.