Црна Гора: Еден од осомничените за терористички напад на денот на изборите ја призна вината

Сподели

thumbs_b_c_25a4e7dc088afc92e2666366ab39e745

Мирко Велимировиќ, еден од осомничените за планирање на терористички напад на денот на парламентарните избори во Црна Гора и за планирање убиство на поранешниот премиер Мило Ѓукановиќ, ја призна вината откако со Специјалното обвинителство потпиша договор за признавање, јавува Anadolu Agency(AA).

Велимировиќ на црногорските истражители им откри дека се подготвувале немири за 16 октомври, а потоа и детално го раскажал планот на криминалната организација. Во проширената наредба за спроведување на истрагата се наведува дека Велимировиќ придонел да се открие криминалната организација, а неговата задача била да набавува, да складира, да ги чува оружјето и муницијата, и да ги пренесува пораките што ги добивал преку Александар Синѓелиќ, кој е обвинет дека е еден од организаторите на планирањето на терористичкиот напад.

Александар Синѓелиќ минатата недела доби статус на сведок-соработник во процесот кој се води против рускиот државјанин Едуард Владимирович Ширков и Владимир Николаевич Попов, кои се товарат за создавање криминална организација којашто планирала напад во Црна Гора во текот на ноќта на парламентарните избори, на 16 октомври.

Специјалното државно обвинителство на Црна Гора ги сомничи Синѓелиќ и поранешниот шеф на жандармеријата на Србија, Братислав Дикиќ, дека се организатори на дваесетчлена група којашто на 16 октомври во Подгорица, на денот на изборите, планирала да пука во граѓаните собрани пред Собранието и да го уапси поранешниот премиер Мило Ѓукановиќ.

Од 20-те уапсени за време на предизборната ноќ во Подгорица, Обвинителството, по сослушувањето, пушти на слобода шест лица.