Црвен крст: Собрани се 10 милиони денари, 2.500 пакети, 4000 ќебиња

Сподели

 

Катастрофалниот земјотрес кој ја погоди Република Турција и Сириската Арапска Република на 6 февруари 2023 година однесе над 9.500 човечки животи и над 37.000 повредени лица и уништени над 6.200 станбени објекти.
 
За жал овие стравични бројки постојано се менуваат и не се конечни.
Изразувајќи ја нашата солидарност со граѓаните на Турција и Сирија, Црвениот крст на РСМ веднаш ги контактираше Турската Црвена полумесечина и Сириската Арапска Црвена полумесечина со цел да се детектираат можности за обезбедување на наша поддршка за овие две наши блиски партнерски организации со кои соработуваме долги години.
 
Црвениот крст на РСМ во координација со одговорните чинители во Република Северна Македонија веднаш презеде иницијални чекори за обезбедување на хуманитарна поддршка за настраданото население од земјотресот преку објавување на апел за мобилизирање на финансиска поддршка за погоденото население. На наше големо задоволство може со сигурност да кажеме дека граѓаните на Република Северна Македонија и овој пат ја покажуваат својата солидарност на дело.
 
 
 
 
 
Заклучно со 07.02.2023 година преку донаторските телефонските линии се собрани вкупно 3.363.800 денари, а во Фондот на солидарност на Црвен крст на РСМ се уплатени вкупно 6.467.192 денари. Вкупно собрани се 9.830.992 денари.
 
Исто така Црвениот крст на РСМ од своите стокови резерви издвои 1.000 семејни пакети со храна, 1.500 хигиенски пакети и 4.000 ќебиња.
 
Црвениот крст на Република Северна Македонија продолжува и понатаму да ја следи ситуацијата во Турција и Сирија. Во соработка со нашите партнери во Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина и одговорните институции во државата, Црвениот крст ќе продолжи да ги координира и мобилизира хуманитарните напори на граѓаните, компаниите и други институции со цел да се обезбеди солидарна поддршка за погоденото население од земјотресот во Турција и Сирија.
 
 
 
 
Во координација со Амбасада на Република Турција во РСМ договорено е во наредниот период активностите да бидат насочени кон собирање хуманитарна помош во финансиски средства.
 
Ги поддржуваме напорите и активностите кои се однесуваат на донирање на материјална помош од фирми и компании. Помалите донации и иницијативи на граѓаните добро е да се пренасочат во собирање финансиски средства, не во материјални добра бидејќи царинските ограничувања не овозможуваат дотур на таква хуманитарна помош. Со цел да бидеме поефикасни и подиректни и побрзи во помошта преферираме сите активности заедно да ги координираме и да ги насочиме во правец на мотивирање на граѓаните и населението да донираат парични средства. Собраните пари по завршување на кампањата ќе бидат префрлени на Турската Црвена полумесечина и Сириската Арапска Црвена полумесечина кои знаат како на најдобар начин може да се покријат хуманитарните потреби на своите граѓаните.
 
Ви благодариме за досегашната соработка и ве повикуваме на понатамошна соработка и проактивност.