Најмалку 21 лице досега го загуби животот, а над 1.000 се повредени во земјотресот кој ја погоди источна Турција, а спасувачките екипи и денеска ја продолжуваат потрагата по преживеани во урнатините. Најмалку 30 лица останаа затрупани под урнатините на зградите по синоќешниот земјотрес, пренесе Дојче веле.
Земјотрес со интензитет од 6,8 степени по Рихтеровата скала го погоди источниот дел на Турција во 20.55 часот по локално време, а потоа следеа два помали потреси со магнитуди од 5,4 и 5,1. Турските телевизии објавија снимки како луѓето во паника излегуваат на улиците од оштетените згради. Голем број објекти се урнаа во потресот.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 6,7 километри кај градот Сивирџе во источната провинција Елазиг. Потресот меѓутоа бил почувствуван и во голем број соседни провинции.