Турција: Обвинителството бара 40 доживотни казни за напаѓачот на „Реина“

Сподели

Обвинителството во Истанбул побара 40 доживотни казни и казна затвор од 2.397 години за Абдулгадир Машарипов, кој на новогодишната ноќ изврши терористички напад во ноќен клуб во Ортаќој, при што загинаа 39 лица, јавува Anadolu Agency (AA).

Обвинителството ја заврши истрагата за терористичкиот напад во ноќниот клуб „Реина“ и подигна обвинение од 90 страници против 57 осомничени, од кои 51 се уапсени, а меѓу нив и Машарипов.

За Машарипов се барани 40 доживотни казни за секоја убиена жртва и злосторство „обид за рушење на уставниот поредок“. Побарана е затворска казна меѓу седум и пол и 15 години поради „членство во терористичка организација“, потоа казна меѓу 1.540 и 2.370 години за обид за убиство на 79 ранети лица и меѓу седум и пол и 12 години за „кршење на законот за огнено оружје.

За организаторите на нападот Илјас Мамашарипов, Абдурауф Серт, Али Џамил Мухамед и сопругата на Машарипов, Зарина Нурулајева, се бараат 40 доживотни казни, меѓу седум и пол и 15 години затвор поради членство во терористичка организација и меѓу 1.540 и 2.370 години затвор поради „обид за убиство“ на 79 ранети лица во нападот.

Во обвинението чии делови се однесуваат на 22 други напади што терористичката организација ДЕАШ ги изврши во Турција, се наоѓаат информации за споменатата терористичка организација.

Наведени се и информации за интернет-страниците и медиумите што ги користела организацијата.

Потсетуваме, во терористичкиот напад на новогодишната ноќ во истанбулскиот клуб „Реина“ загинаа 39 лица, а неколку десетици беа ранети.

За Абдулгадир Машарипов, кој призна дека е член на терористичката организација ДЕАШ, беше распишана потерница во Узбекистан, од каде што потекнува.

Во обвинението се бара и доживотна казна и казна затвор меѓу седум и пол и 15 години за Јасер Мухамед и Салем Радоун, поради „обид за рушење на уставниот поредок“.

Обвинението е испратено до судот во Истанбул.