Турција пред втор круг од претседателските избори

Сподели

 

Втор круг на гласање на претседателските избори ја очекува Турција, откако ниту актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, ниту опозиционерот Кемал Каличдароглу не го надминаа прагот од 50 отсто потребен за прогласување победа во првиот круг. Според резултатите познати во моментов, Ердоган води против ривалот, но не успеа да добие целосно мнозинство за да го продолжи 20-годишното владеење со оваа земја.

Рекордно високиот одзив на жестоките избори го соочи турскиот претседател Ердоган со најголемиот предизвик во неговото дводецениско владеење, пишува „Гардијан“. Ова се „најтесните“ избори во Турција во последните неколку години и се случуваат во време кога земјата се бори со високата инфлација и закрепнува од разорните земјотреси што во февруари ја погодија Турција.

Според досега пребројаните 91,93 отсто од гласовите, Ердоган е во предност со 49,49 отсто од гласовите пред Киличдароглу кој освои 44,79 проценти, пренесе Би-би-си.

Ултранационалистичкиот кандидат Синан Оган, пак, досега има освоено околу 5 отсто од гласовите. Со ваков резултат, Оган испаѓа од вториот круг на изборите, а синоќа изјави дека во следните денови партијата ќе донесе одлука кого од другите двајца кандидати да поддржат.

Говорејќи пред своите поддржувачи, Ердоган синоќа рече дека верува оти ќе го надмине прагот од 50 отсто неопходен за да се избегне втор круг, но и дека доколку дојде до такво нешто, партијата „ќе го испочитува“ .

„Фактот што изборните резултати сè уште не се финализирани не го намалува фактот дека изборот на нашата нација е очигледно во наша корист“, рече Ердоган во својот говор.

Неговиот противкандидат Каличдароглу возврати дека опозицијата ќе победи во вториот круг на изборите.

„Прелиминарните резултати покажуваат дека Ердоган не ја доби довербата на јавноста што ја очекуваше. Потребата за промена на општеството надминува 50 отсто. Губењето на гласовите на АКП го покажува тоа“, рече Киличдароглу.

Покрај претседателските, во Турција вчера се одржаа и парламентарни избори, при што граѓаните гласаа за пополнување на 600-те места во турскиот парламент.

Партијата АКП на Ердоган доби најмногу гласови, но не помина толку добро како нејзиниот лидер на претседателските избори, пишува Би-би-си.

Со повеќе од 96 отсто преброени гласови, АКП освои 35 отсто, што е најлошиот резултат за оваа партија од 2002 година.  Во последниве 20 години, партијата никогаш не собрала помалку од 40 отсто од гласовите. Ваквите резултати сугерираат дека АКП ќе има 267 пратеници во парламентот, губејќи 28 пратенички места, но преку сојузот со други три партии се очекува да освои уште 56 места, што на сојузот на Ердоган ќе му даде мнозинство во парламентот со 323 места.

Сојузот на партијата на Ердоган ги вклучува и ултранационалистичката МХП, заедно со уште неколку националистички и исламистички партии./Meta.mk