Твитер-профилот со име „Моќна грчка армија“ (@PowerfulArmyGR) е „суспендиран“ односно затворен заради нарушување на правилата за користење на платформата.
На 10 мај на тој профил беше објавен линк кон список со наводни адреси и лозинки на вработени во министерствата за финансии и економија на Република Северна Македонија.
Владините претставници тврдеа дека се работи за стари податоци и дека истите не се во функција повеќе од седум години, но не беше објаснето дали се работи за неодамнешно хакирање на стара база на податоци која е оставена во функција, или пак „хакерите“ ги добиле податоците како резултат од некој упад направен во минатото.
Министерот за економија Крешник Бектеши тогаш изјави дека „не направена никаква штета, затоа што тие мејлови и лозинки се стари“.
До овој момент на јавноста не се достапни информации за идентитетот на сoпствениците на затворениот профил на Твитер, кои во истиот период тврдеа дека ги хакирале и веб-сајтовите на Универзитетот Св. Кирил и Методиј и Институтот за политичко-правни и социолошки истражувања.
Македонските корисници на социјалните мрежи по тој повод дискутираа на ниво на шпекулации, дека такво „истекување“ податоци може да биде резултат на диверзија од страна на „кртови“ вработени во самите владини институции, или пак на вмешување на други странски сили.