Не е точно дека уапсената снајперистка со кодно име Багира е Србинката Данијела Лазовиќ. Станува збор за друга личност, Ирина Старикова. Српското МВР изјави дека Лазовиќ не е можно да е во Украина, затоа што таа одлежува шестгодишна казна во српски затвор, објави Вистиномер
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој е споделен медиумски напис во кој се информира дека Украинците наводно ја фатиле српската снајперистка Багира која се бори на страната на сепартистите од Доњецк.
Во написот пишува дека ова го соопштиле украинските власти – дека е фатена српска снајперистка со кодно име Багира која со години се бори за проруските сепаратисти во Донбас. Според наводни украински извори вистинското име на снајперистката е Данијела Лазовиќ, а таа имала лажни украински документи под името Ирина Старикова.
Документите го носат лажното име на Ирина Старикова под кое се верува дека Багира оперирала на боиштата во источна Украина. Во документот се фалсификувани и податоци за раѓање и пишува дека е родена во Доњецк во 1981 година, стои во меидумскиот напис.
Точно е дека Д.Л. во октомври 2020 година беше уапсена и оттогаш е во КПУ Пожаревац, на издржување шестгодишна затворска казна, и никако не може да учествува во војната или да биде заробена во Украина. Исто така, посочуваме дека лицето од сликата објавена во медиумите не е Д.Л. односно „Багира“, се наведува во соопштението од МВР на Србија.
Кој е идентитетот на жената на фотографијата која се прослави како наводна ,,Багира”?
Украинските власти тврдат дека Багира која беше фатена, сторила 40 убиства, како и дека се работи за Русинката Ирина Старикова, а не споменуваат иницијали Д.Л од Србија.
Оттаму, снајперистката која била фатена е Ирина Старикова, мајка на две деца, за која се верува дека убила 40 лица, пред нејзините соборци да ја напуштат на бојното поле, откако била ранета. Нејзиното кодно име е Багира, но имаше погрешни информации за нејзиниот вистински идентитет. Таа не е од Србија, како што се тврди во некои медиумски написи, вклучително и во оној што го рецензираме, ниту пак била поранешна калуѓерка.
Старикова е од Доњецк и е мајка на две деца, 11-годишната Валерија и 9-годишната Јулија. Таа служи со руските сепаратисти кои се борат против Киев уште од 2014 година. Била мажена за војник со кодно име Горинич од Белорусија, откако се запознале близу селото Шастије.
Со оглед на тоа што МВР на Србија демантираше дека уапсената Багира е всушност Лазовиќ, бидејќи таа издржува шестгодишна затворска казна во Србија, а и фотографијата од заробената снајперистка не кореспондира со онаа на Лазовиќ, јасно е дека во случајов станува збор за друго лице (Ирина Старикова).
Оттаму, оценуваме дека не е точна информацијата дека уапсената снајперистка со кодно име Багира е Србинката Данијела Лазовиќ.