Убиен главниот диригент на театарот во Херсон, не сакал да учествува на концерт

Сподели

 

Руски војници го застрелале во неговиот дом главниот диригент на Херсонскиот музичко-драмски театар Јуриј Керпатенко, откако тој одбил да учествува на концерт во окупираниот Херсон, соопшти украинското Министерство за култура, а пренесе весникот Гардијан.

Диригентот Јуриј Керпатенко одбил да учествува на концертот на 1 октомври и да диригира со камерниот оркестар Гилеја. Од украинското Министерство за култура велат дека руските окупатори со концертот сакале да го демонстрираат т.н. „подобрување на мирниот живот“ во градот Херсон.

Керпатенко од 2004 година бил и главен диригент на Музичко-драмскиот театар „Микола Кулиш“ во Херсон, а во изминатиот период бил отворено против руската окупација, но одлучил да остане во Херсон. Членовите на неговото семејство кои се надвор од Херсон изгубиле секаков контакт со диригентот во септември.

Гардијан во својот текст ја пренесува и осудата од уметниците од Украина и од другите земји на ваквото убиство.

Финско-украинската диригентка Далија Стасевска вели дека руската историја против уметниците кои не ја почитуваат наметнатата политика не е ништо ново и има своја историја која трае 100 години наназад.

„Видов премногу молк од руските колеги“, рече диригентката Стасевска. „Дали ова ќе биде време руските музичари, особено оние кои живеат и работат во странство, конечно да се засилат и да заземат став против дејствијата на рускиот режим во Украина“, се прашува таа.

На неа се надоврзува и украинската романсиерка Викторија Амелина, која тврди дека рускиот окупаторски режим во Украина лови активисти, новинари, уметници и секој друг којшто е подготвен да се спротивстави на окупацијата.

Таа направи паралела меѓу Керпатенко и Микола Кулиш, украинскиот драматург по чие име е именуван театарот каде што работел диригентот.

За судбината на диригентот Јуриј Керпатенко да биде уште потрагична, театарот во Херсон го носи името на Микола Кулиш, кој исто така бил застрелан за време на стравичните чистки на Сталин.

„Кулиш беше застрелан на 3 ноември 1937 година, во близина на Сандармох, со уште 289 украински писатели, уметници и интелектуалци. Јуриј Керпатенко беше застрелан во неговиот дом во Херсон во октомври 2022 година“, вели романсиерката Амелина.

Со реакција се огласи и диригентот Семјон Бичков од Париз, роден од Санкт Петерсбург, кој ја напуштил Русија како млад во 1970-тите години, оквалификувајќи ги постапките на Русите како „чист геноцид“.

„Трагичната иронија на ова е таа теза за супериорноста на руската култура, нејзиниот хуманизам“, рече тој. „И тука убија некој кој всушност носи убавина во животите на луѓето“, реагира Бичков.

„Сега името на Јуриј Керпатенко ќе биде додадено на списокот на убиени уметници на Украина“, вели романсиерот Андреј Курков, додавајќи дека сè повеќе мисли оти Русија не само што сака да ги окупира украинските територии, туку и ревносно да го уништи украинскиот идентитет./Мета.мк