Учениците од „Раде Јовчевски-Корчагин“ победници во финалето на „ИМАМ СТАВ!“

Сподели

 

Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, го додели пехарот на учениците од средното училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје, кои се победници на новото издание на едукативната активност „Имам став!“, кое се одржа во текот на месеците март и април.

 

 

Со ова, учениците од „Раде Јовчевски-Корчагин“ успеаја да триумфираат во својот трет настап во финалето на едукативната активност.

Во финалниот настан, кој се одржа во салата „Борис Трајковски“ на Собранието, покрај победниците, се натпреваруваа и средните училишта „Мирче Ацев“ од Прилеп (второ место) и „Јосип Броз-Тито“ од Битола (трето место), при што се дискутираше на три теми: безбедноста во патниот сообраќај, борбата со феноменот на лажни вести (fake news) и начинот на исхрана и консумирањето брза храна.

Во жири-комисијата која го одлучуваше победникот во финалето учествуваа пратениците Марија Костадинова, Игор Здравковски, Лолита Ристова и Ангелинка Петкова.

Во рамките на оваа сезона на активноста учествуваа вкупно 336 учесници од десет средни училишта од државата. Училиштата се натпреваруваа меѓусебно симулирајќи пленарна расправа на Собранието. Дебатите ги оценуваше жири-комисија составена од пратеници и вработени во Парламентарниот институт. Вкупно 24 различни пратеници беа дел од активноста.

„Имам став!“ претставува симулација на процесот на разгледување предлог-закон во рамките на Собранието. Целта на одржување на оваа едукативна активност е приближување на работата на Собранието на Република Северна Македонија и процесот на донесување на закони до младата популација.

Следната сезона на „Имам став!“ ќе се одржи во октомври и ноември оваа година.