Управата за јавни приходи најави кривични пријави против невладината организација „Меѓународен сојуз“, „БМЈ медиа груп“ и против „Томато продукција“ во чии простории е сместена телевизијата.
Според даночните власти, овие три субјекти затаиле околу 20 милиони денари, односно околу 325.000 евра данок.
Овие три правни субјекти директно или индеректно се поврзани со првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13.
„Пронајдовме фактури за ноќевања во хотели, авионски билети за лица кои не се вработени во „1ТВ“. Од страна на УЈП тоа е класифицирано како лично примање без пресметан персонален данок. Имаме и многу фактури за набавка на подароци (часовници и сл.) за кои ние пресметавме персонален данок. Во 2018 година исплатена е дивиденда на Јасна Мандиќ која не е сопственик на „1ТВ“ и тоа е противзаконски. Ние пресметавме и на тоа персонален данок“, велат од УЈП.
УЈП ја „чешлале“ и „1ТВ“, каде биле констатирани неправилности во работењето, но тие не биле од таква природа за поднесување на кривична пријава.
Инспектори на УЈП уште вчера директно му ги доставиле записниците од извршените контроли на Бојан Јовановски во притворот, но тој одбил да ги прими и потпише.