Унгарија на референдум одлучува за прифаќањ на бегалците

Сподели

БУДИМПЕШТА (АА) – Граѓаните на Унгарија на референдумот кој започна утринава ќе одлучат за прифаќање односно за противење на европската директива за распределба на бегалците во таа земја. Унгарија според квотите на ЕУ би требало да прифати 1.294 бегалци, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Дали сакате ЕУ да пропише задолжително населување на неунгарските државјани во Унгарија дури и без согласност на Парламентот”, претставува прашање на кое свој одговор „да” или „не” ќе дадат околу 8,3 милиони Унгарци.

Референдумот го распиша унгарскиот премиер Виктор Орбан кој предизвика тензии со реториката дека на Унгарија „не ѝ требаат муслимански бегалци”.

Орбан повеќе пати изјави дека Унгарија нема да ја почитува директивата на Европската унија за распределба на мигрантите меѓу земјите членки.

Поголемиот број на опозициските партии го бојкотираат денешниот референдум, а истражувањата покажуваат дека одзивот би можел да биде околу 50 отсто.

Челникот на исламската заедница во Унгарија, Золтан Болек, во претходно интервју за АА порача дека кампањата во пресрет референдумот во таа членка на ЕУ го поттикнала растот на исламофобијата.

Според квотите на ЕУ за разместување на бегалците во членките на Унијата, од вкупно 160,000 лица во Унгарија, би требале да бидат сместени нешто повеќе од илјада. Унгарските власти на 24 февруари одлучија да организираат референдум во врска со тие прашања.