Уништен дел од Кримскиот мост кој ја поврзува Русија со окупираниот украински полуостров

Сподели

 

Дел од Кримскиот мост, кој ја поврзува Русија со окупираниот полуостров Крим, е уништен и горат повеќе резервоари со гориво на мостот, објави украинската државна агенција Укринформ цитирајќи ги Воздухопловните сили на Украинската војска.

„Утро на Кримскиот мост. Се запалија резервоари за гориво. Дел од мостот е уништен! Сè ќе биде Украина“, објавија украинските Воздухопловни сили на нивниот канал на Телеграм.

Претходно утрово, 8 октомври, руските медиуми, повикувајќи се на „властите“ во окупираниот Крим, објавија дека сообраќајот преку Кримскиот мост е во прекин откако се запалил резервоар за гориво, објави Укринформ.

Според рускиот антитерористички комитет, на мостот експлодирал камион бомба и делови од патот во двата правци се уништени, а седум вагони со резервоари за гориво на железничкиот дел од мостот се запалиле, објави Liuveuamap.

 

 

Во текот на ноќта, украинската агенција известува дека руските сили целосно ја отсекле од мрежата најголемата нуклеарна централа во Европа, Запорижје цитирајќи ја украинската државна компанија „Енергоатом

„Вечерва, во 00:59 часот, поради уште едно гранатирање од страна на руските трупи, последниот далновот кој ја поврзуваше централата со енергетскиот систем, 750 Кв Дниповска – беше оштетен и исклучен од електро системот. Како резултат, нуклеарната централа Запорижје е комплетно исклучена. Генераторите на струја кои работат на дизел автоматски се вклучија“, се вели во извештајот од Енергоатом.

Вчера американскиот претседател Џо Бајден, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин не се шегува кога вели дека ќе употреби тактичко нуклеарно оружје поради загубите на руската војска на теренот. А тоа, како што посочува Бајден, значи дека ризикот од нуклеарен „Армагедон“ е на највисоко ниво по кубанската криза од 1962 година./Мета.мк