#Digital_inclusion – партнерство на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија. Партнерите заедно со млади луѓе ќе ко-креираат дигитални решенија за еднакви можности за децата и младите со попреченост.
Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФ објавија партнерство за проширување на можностите за вклучување на децата и младите со попреченост во дигиталното општество. Партнерите, заедно со млади луѓе, ќе создаваат иновативни дигитални решенија за подобар пристап до образование и инклузија на лицата со попреченост во заедницата.
– Дигитализацијата ќе донесе многу нови можности и целосна трансформација на општеството. Ние, како едни од главните носители на таа трансформација имаме обврска да ја испорачаме најдобрата технологија, но и одговорност да создадеме фер услови. Парнерството со УНИЦЕФ е токму таква иницијатива за намалување на дигиталниот јаз за подеднакво вклучување на ранливите групи, истакна Никола Љушев, претседател на Фондацијата „Телеком“ за Македонија.
Нагласи оти треба да се подигне свеста дека сите сме креатори и треба да создадеме фер дигитално општество каде што технологијата, пред сè, ќе им служи на луѓето.
– Адолесцентите и младите луѓе имаат огромен неискористен потенцијал – по природа имаат страст за новини и желба да ги поместат границите. Младите со попреченост не се разликуваат. Ова партнерство е за заедничко создавање со нив за да се најдат иновативни решенија за вистинските бариери со кои децата и младите се соочуваат секој ден на училиште и во животот, изјави Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
Партнерството се состои од две големи иницијативи кои ќе направат вистинска промена во животот на децата и младите со попреченост.
Едната иницијатива, насловена „Генерација без граници“ претставува јавен повик до млади иноватори од земјата за осмислување дигитални решенија за намалување на бариерите со кои децата и лицата со попреченост се соочуваат во образованието и секојдневниот живот.
– Ќе се оформат десет тимови што ќе работат на развивање на идеите за дигитални решенија, а во секој тим ќе има по едно лице со попреченост. Тимовите ќе работат под менторство на инженери, маркетинг и ИТ специјалисти од Македонски телеком, а најдобрите три идеи ќе бидат финансирани и реализирани, соопштија од Фондација „Телеком“.
Втората иницијатива е дигитална мапа за пристапност за лица со попреченост, насловена „Без граници“.
– Преку партнерството ќе се изработи и дигитална мапа за пристапност со која луѓето ќе можат да се информираат и да ги посочат бариерите, но и позитивните примери на пристапност во: згради, пешачки патеки и премини, јавен превоз, паркинг, игралишта, тоалети итн. Преку партнерството мапата ќе се изработи како дигитална платформа. Целта е преку оваа дигитална алатка да се обезбеди полесно движење и пристапност што е една од основите за еднаков третман на овие лица. Со текот на времето платформата дополнително ќе се развива во соработка со надлежните институции, локалните организации и здруженија на родители, наведоа од Фондацијата.