УНИЦЕФ: Низ светот има 50 милиони раселени деца – половина од сите бегалци

Сподели

UNI199851-860x680

Низ светот се раселени речиси 50 милиони деца, од кои 28 милиони се протерани од своите домови поради конфликти, а милиони други мигрираат во надеж дека ќе најдат подобар и побезбеден живот, се вели во извештајот на УНИЦЕФ – „Откорнати: растечката криза за децата бегалци и мигранти“, објавен денеска.

Често истрауматизирани од конфликтите и од насилството од кое бегаат, стои во извештајот, децата се соочуваат со дополнителни опасности по пат, вклучувајќи го и ризикот од давење при преминување на морето, изгладнување и дехидрација, трговија со луѓе, киднапирање, силување, па дури и убиство. Во земјите низ кои патуваат и во земјите крајни дестинации, тие често се соочуваат со ксенофобија и со дискриминација.

„Неизбришливите слики на деца – малото тело на Ајлан Курди исфрлено на брегот по давењето во морето или вчудовиденото и крваво лице на Омран Дакниш додека седи во амбулантата откако неговиот дом беше уништен – го шокираа светот. Но, секоја слика, секое девојче или момче, претставува многу милиони деца во опасност – и ова бара да се погрижиме нашето сочувство за поединечни деца да се совпадне со акција за сите деца“, вели извршниот директор на УНИЦЕФ, Ентони Лејк.

Извештајот на УНИЦЕФ нотира неколку загрижувачки факти во врска со раселените деца и тоа:

  • Децата претставуваат непропорционален и сè поголем процент од луѓето кои бараат засолниште надвор од земјата на раѓање. Тие сочинуваат околу една третина од светската популација, но околу половина од сите бегалци. Во 2015 година, околу 45 проценти од сите деца-бегалци под заштита на УНХЦР потекнуваа од Сирија и од Авганистан;
  •  28 милиони деца биле протерани од своите домови поради насилство и конфликт во и надвор од границите, вклучувајќи 10 милиони деца-бегалци, потоа 1 милион баратели на азил чиј бегалски статус сè уште не е утврден и околу 17 милиони деца раселени во сопствените земји, односно деца во очајна потреба од хуманитарна помош и пристап до критичните услуги;
  •  Сè повеќе деца ги минуваат границите сами. Во 2015 година, повеќе од 100.000 непридружувани малолетници поднеле барање за азил во 78 земји – трипати повеќе од бројот во 2014 година;
  • Околу 20 милиони други деца мигранти на меѓународно ниво ги напуштиле домовите поради различни причини, вклучувајќи и екстремна сиромаштија или насилство на банди. Многу од нив се изложени на посебен ризик од злоупотреба и од затворање, бидејќи немаат документи, имаат несигурен правен статус, и бидејќи не постои систематско следење и надзор на нивната благосостојба – деца кои се лизгаат низ пукнатините на системот.

Според извештајот, Турција е домаќин на најголемиот вкупен број скорешни бегалци, и, многу веројатно, на најголемиот број деца-бегалци во светот.

Извештајот укажува на шест конкретни активности со кои ќе се заштитат и ќе им се помогне на раселените деца-бегалци и мигранти, односно:

  • Заштита на децата-бегалци и мигранти, особено на децата без придружба, од експлоатација и од насилство;
  • Ставање крај на притворањето на децата кои бараат статус на бегалци или кои мигрираат, преку воведување на неколку практични алтернативи;
  • Задржување на семејствата заедно, како најдобар начин за заштита и за давање правен статус на децата;
  • Задржување на сите деца-бегалци и мигранти на училиште и обезбедување пристап до здравствени и до други квалитетни услуги за нив;
  • Притисок за акција околу основните причини за големите преселби на бегалците и на мигрантите;
  • Промовирање мерки за борба против ксенофобијата, дискриминацијата и маргинализацијата.

meta.mk