Урбано-уметничка акција во Скопје: „Зачекори напред! Изборот е твој!“

Сподели

Во рамките на граѓанската кампања „Зачекори напред! Изборот е твој!“ има нова урбано-уметничка акција во Скопје посветена на идентитетот и манипулациите со него.

Акцијата се состои од oколу 20 постери, со различни пораки, поставени во јавниот простор на улица Македонија и скопскиот плоштад.

„Идентитетот (lat.: identitas – еднаквост, истост) претставува внатрешна слика која поединецот или колективот ја создаваат сами за себе, наспроти промените кои се случуваат во околината и општеството. Идентитетот е образец кој поединецот или колективот го манифестираат во своето комуницирање, однесување, само-претставување, и на тој начин го заокружуваат својот систем на вредности, верувања, убедувања и осознавања. Националниот идентитет е само дел од лепезата идентитети кои не формираат како личност. Врз целосното формирање на идентитетот влијаат мноштво особености: јазик, географски одлики, вера, обичаи, кујна, фолклор, традиција, како и ред други одлики: раса, пол, возраст, политички убедувања, лични афинитети и се што ни овозможува да ја создадеме сликата за себеси. Ниту еден договор или каква било промена од „виша сила“, не може да дефинира или промени нечиј идентитет бидејќи тој претставува лична слика за тоа како се гледаме себеси и каде припаѓаме“, се вели во соопштението на „Зачекори напред! Изборот е твој!“.