Успешна акција на МРДНИ СО ПРСТ – „Сите стоплени во зима“

Сподели

Во рамките на акцијата „Сите стоплени во зима“ на иницијативата Мрдни со прст, собрана е над 1,5 тон користена топла зимска облека. Облеката ќе биде донирана на лица на кои им е најитно потребна.

Ревијата на 15 водечки македонски модни дизајнери, на која јавни личности ги претставија нивните модели со користена облека се одржа синоќа во Младинскиот културен центар во Скопје, со која заврши акцијата „Сите стоплени во зима“.

Акцијата „Сите стоплени во зима“ започна во декември и до крајот на јануари беа собрани илјадници парчиња топла зимска облека, која преку организациите „Љубезност“ и „СОС Детско село“ ќе им биде подарена на нашите сограѓани на кои им е најпотребна.

Мрдни со прст е граѓанска платформа чија мисија е да поттикне акција на размислување за индивидуалната одговорност и зголемување на вклученоста во решавањето на општествените прашања што сите нè засегнуваат, бидејќи секое мало мрдање придонесува за големи резултати и промени. Иницијативата започна пред повеќе од една година и ги поттикна граѓаните да почнат да размислуваат за својот индивидуален придонес, како и активно да се вклучат во адресирањето или решавањето на проблемите со кои секојдневно се соочуваат. Секој граѓанин, граѓанска иницијатива или организација може да стане дел од „Мрдни со прст“.