На денешната 9. седница Уставниот суд покрај предметите предвидени за дискусија на дневен ред, Судот треба да одлучува и по предлог-одлуката за предметот У.бр. 82/2022.
Станува збор за Одлука на општина Куманово, со којашто се овозможува да се градат станбени згради надвор од централното градско подрачје, односно: „Одлука за спроведување и планирање на површини на градење со намена А2 на парцели лоцирани вон централното градско подрачје во граница на градежен реон на Куманово, број 09-5643/4” од 12 јули 2022 година.
За овој предмет Уставниот суд поведе постапка на 20 декември 2022 година со што изрази сомнеж во уставноста и законитоста на Одлуката донесена од Советот на општина Куманово.
Уставниот суд оцени дека со Одлуката директно се влијае на веќе започнатите постапки за добивање на одобрение за градење и се наметнува обврска на граѓаните кои имаат започнати постапки, а не добиле потврда за заверка на проектната документација, повторно од почеток да ја почнат постапката. Уставниот суд смета дека ова води кон правна несигурност, а граѓаните се соочуваат со тешко отстранливи последици.
На истата седница Уставниот суд одлучи да го запре извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената Одлука, односно воведена е т.н. времена мерка.