Уставниот суд поведе постапка за Одлука со која е донесен ДУП на општина Центар во 2014 година

Сподели

 

Уставниот суд на денешната седница одлучи да поведе постапка за Одлуката за донесување на ДУП од Советот на општина Центар од 18 јули 2014-та година, соопштија од судот. Основната причина поради којашто Судот се одлучи за поведување на постапка е дека оспорената Одлука не била донесена со потребно мнозинство, согласно Законот за локална самоуправа.

 
 

 

„Информираме дека ова е прва фаза кога Судот формално-правно изразува сомнеж во уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на ДУП-от кој се однесува на Градска четврт Ј 07. Решението за поведување постапка ќе биде доставено на Општина Центар како доносител на актот и треба да се изјасни во одреден рок, по што советникот и судијата-известител ќе го напишат конечниот предлог кој треба да се разгледа и одлучи на седница на Уставниот суд“, се вели во соопштението од Уставниот суд.

 

 

Инаку, во иницијативата која до судот ја поднесе Томе Симоновски, меѓу другото се посочува дека Советот на општина Центар ја донел оспорената одлука спротивно на член 62 став 2 од Законот за локална самоуправа и истата не е донесена со потребното мнозинство гласови предвидени во наведениот член од Законот.

Имено, на седницата на Советот на која се постапувало по оспорената одлука биле присутни 12 членови од вкупно 23 членови на Советот на општина Центар-Скопје, при што „за” гласале 11 членови, а само 1 гласал „против”.

 

Подносителот на иницијативата смета дека при донесувањето на оспорената одлука не се испочитувани одредбите од Законот за локалната самоуправа, бидејќи не е обезбеден елементарниот минимум од неопходни 12 гласови „за” колку што според Законот за локална самоуправа се потребни, за полноважно донесување на прописи, односно одлука за урбанистички план. Во иницијативата е наведено дека оспорената Одлука е во спротивност со член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија бидејќи владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок, која во конкретниот случај е повредена бидејќи Советот донел одлука без потребното мнозинство гласови.