Aвторите на Договорот од Преспа имаат современ пристап кон државјанството. Со такво сфаќање на државјанството, македонското општество побрзо ќе се трансформира од мултиетничко во граѓанско општество и посигурно ќе се движи кон ЕУ.
Уставните амандмани (XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI) се политичко, а не стручно дело. Тие се производ на волјата на Владата на РМ Договорот со Грција да го оствари така како што е договорено. Таа строго го држеше уставниот процес под контрола од почеток до крај, преземајќи низа политички мерки за зголемување на парламентарното мнозинство од 72 на 80 пратеника. Во такви околности, уставното право не можеше ни да пркне, а камоли да влијае врз содржината на уставните амандмани и нивното правно обликување. Тоа е видливо од натрупаните одредби со кои се определува влегувањето во сила на уставните амандмани, како и од интервенциите во преамбулата на Уставот, доведувајќи ја во состојба на нечитливост.
Грчка отстапка за употребата на зборот „Македонија“
Амандманот XXXIII предвидува замена на зборовите „Република Македонија“ со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36 од Уставот на Република Македонија. Овој амандман е сличен на Амандманот LXXXII од 7 јуни 1991 гдина кога зборот „Социјалистичка“ беше избришан пред зборовите „Република Македонија“ од називот на Уставот и неговите одрредби.
Задржувањето на зборот „Македонија“ во членот 36 на Уставот има големо значење, бидејќи покажува дека грчката страна е наклонета кон борците на Антифашистичката војна и националослободителни војни водени во Македонија. Тоа значи дека СИРИЗА ги почитува борците на ЕЛАС и на ДАГ, во чии редови се бореле и голем број Македонци. Тоа го потврдува и Алексис Ципрас, во говорот што го одржа на 25 јануари 2019 годинапо во грчкиот парламент пред да започне гласањето за ратификацијата на Договорот од Преспа.
Обраќајќи им се на пратениците од редот на КПГ кои претходно најавија дека ќе гласаат против Договорот од Преспа, Ципрас ги нарече „националисти“, потсетувајќи ги на нивните претходници кои биле интернационалисти: „Не сакам да се осврнам ниту на славомакедонскиот Буквар што комунистите го делеа во Ташкент на децата на славомакедонските борци на Демократската армија на Грција. Не сакам да се осврнам ни на 70.000 бегалци од Граѓанската војна кои грчката држава ги лиши од правото во 1983 година да се вратат во нивната татковина. Ниту ќе се осврнам на славомакедонката Ирини Гини – Мирка Гинова, првата жена егзекутирана во граѓанската војна. Комунистка. Со овие грижи на совест што ги имате – да си се справите сами!“.
Никој до сега тоа го нема речено така отворено во грчкиот парламент по потпишувањето на Договорот од Варкиза од февруари 1945 година. Мирка, учителка од селото Русиново, Воденско прво се борела против фашистичките окупатори на Грција, а потоа и против домашните монархофашисти и британските трупи. Таа весела девојка со црна бујна коса е партизанка во ЕЛАС од 1943, а во ДАГ од 1946 година. На 6 јули 1946 година во местото Долга Ливада на планината Почеп во близина на Воден формирала партизански одред. Набрзо во една акција на монархофашистите била заробена, заедно со група активисти на НОФ за Егејска Македонија и КПГ. Заробениците биле sверски мачени и шетани низ улиците на Воден. Од Мирка барале да ги открие имињата и адресите на активистите на НОФ. Седум дена ја мачеле, со пукање од пиштол закопана во земја. Таа со молчење го предизвикувала бесот кај мачителите. Прозборела дури пред Воениот суд во Ениџе – Вардар: „Македонка сум и верувам во ГКП, бидејќи само таа партија ги претставува желбите на луѓето во Грција и гарантира за Македонците еднакви права со сите други. Се борев против Германците и сега сум горда што умирам, бидејќи се борев против новите окупатори“. Наутро, на 26 јули 1946 година, пред стрелањето ја пеела Интернационалата. Пред да се чуе истрелот крикнала гласно: „Да живее Комунистичката партија на Грција! Да Живее НОФ!“, како што се наведува во книгата на Драган Кљакиќ, „Изгубљена победа генерала Маркоса“.
После говорот на Ципрас, лесно може да се заклучи дека не е случајност што Договорот меѓу двете држави е потпишан во Преспа, во селото Нивици (Psarades). Местото ја симболизира антифашистичката борба на Грците и Македонците, но и солидарноста на југословенските народи со грчките партизани. Тоа го потврдува и Александар Ранковиќ во 1983 година, десетина дена пред смрт: „Нашите народи и покрај тоа што по разорната војна беа осиромашени, тие од своите усти одделуваа залчиња за да ги помогнат демократските борци во Грција. Во градовите и по селата нашите луѓе собираа алишта, кондури, материјални производи и пари како да е во прашање наша војска која се подготвува за одење на фронт“, како што се наведува во книгата на Раде Гогов – Црноречки, „Лекување на борци на ДАГ во Македонија“.
Не требаше да се кине врската помеѓу одлуките на АСНОМ и Прогласот
Амандманот XXXIV ги содржи промените во преамбулата на Уставот. Некои зборови се бришат, некои се додаваат, а некои се заменуваат со нови. Интервенциите се извршени механички на повеќе места во интегралниот текст од 178 зборови. Така „повредена“ преамбула тешко се разбира. Затоа некои пратеници во грчкиот парламент побараа да им се достави „прочистениот текст на Уставот“. Но, тоа барање е неостварливо, барем во овој момент. Прочистувањето може да го направи само Собранието, во постапка предвидена за донесување на нов устав. Такво барање веројатно ќе се постави и во постапката за ратификацијата на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.
Бришењето на зборовите на две места во преамбулата не создава поголеми проблеми. Не создава проблеми ни додавањето на нови зборови „волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“. Но, голем проблем создава замената на зборовите „одлуките на АСНОМ“ со зборовите „правните одлуки кои се наведени во Прогласот на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“. Ако се оди до крај во расчистувањето на разликите помеѓу овие документи, тогаш ќе се видат и последиците од нивното раздвојување.
Одлуките на АСНОМ се донесени на 2 август 1944 од страна на 116 члена на АСНОМ, а Прогласот е потпишан на 6 август 1944 година од претседателот Методија Андонов Ченто и 21 член на Президиумот на АСНОМ и 98 члена на АСНОМ. Меѓу потписниците на Прогласот фигурирааат и четири члена на АСНОМ кооптирани во АСНОМ на седницата на Президиуот од 6 август 1944 година. Фигурира и името на Лазар Кулишев, работник од Свети Николе, за кој не постојат податоци кога е кооптиран во АСНОМ. Разлики има и во бројот на донесените одлуки и нивниот распоред. На Првото заседание на АСНОМ донесени се седум одлуки (решенија), еден правилник и Манифест од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ. Во Прогласот фигурираат девет одлуки (решенија), со таа разлика што во него не се наведува Манифестот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ. Не се наведува поради зборовите: „праведно и неостапно сакање ЗА ОБЕДИНЕНИЕ НА ЦЕЛИОТ МАКЕДОНСКИ НАРОД на принципите на правото на само-определение.“
Во Прогласот на прво место фигурира одлуката со која Македонија се прогласува за федерална држава, во нова, демократска федеративна Југославија. Таква одделна одлука не постои во регистерот на одлуките на Првото заседание на АСНОМ. Присутна е само парцијално, на повеќе места. Веројатно, тоа е причината што Грците побарале Прогласот да влезе во преамбулата, бидејќи преку него Македонија поцврсто се врзува за Југославија.
Сепак, немаше потреба да се бришат зборовите „одлуките на АСНОМ“. Требаше да се додадат само зборовите „одлуките на АСНОМ кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржното заседание на АСНОМ“. На тој начин би се воспоставиланепосредна врска помеѓу одлуките на АСНОМ и одлуките во Прогласот, а грчката страна не би имала основа да стравува од ирединтизам од таква воспоставена врска.
Неопходно е да се истражи притисокот за корекција на духот на АСНОМ. Дали дошол од врвот на Федеративна Југославија или од големите сили од тоа време? Поверојатно е второто, бидејќи и по Прогласот не престана соработката помеѓу ЕЛАС и НОВ на Македонија. Не престана ни соработката за време на Граѓанската војна. Напротив, долж државната граница од Преспа до Дојран ДАГ ги водеше најсилните борби, а во Македонија и Југославија постоеле повеќе центри за обука и пружање помош на единиците на ДАГ.
Битно е што мисли „Виножито“ а не што мислат националистите
Со амандманот XXXV по втор пат се дополнува членот 3 од Уставот со кој се утврдуваат државните граници на Република Македонија. Со него се даваат гаранции дека Републиката ќе го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави. Нема ништо спорно во тоа. Станува збор за препис на грчкото барање формулирано во Привремената спогодба од 1996 година ( чл. 3).
Со Амандманот XXXVI интегрално се заменува членот 49 и Амандманот II од 1992 година кој целосно се вградува во Амандманот XXXVI. Дефинитивно се напушта категоријата „припадниците на македонскиот народ во соседните земји“ предвидена во Уставот од 1991 година. Новиот амандман оперира со категориите „државјани“ и „дијаспора“. Кога се во прашање македонските државјани, Републиката презема обврска да ги штити нивните права и интереси кога тие живеат или престојуваат во странство. А се грижи и за дијаспората на македонскиот народ, како и за дијаспората која е дел од народите наведени во Преамбулата. На Грците не им пречи категоријата „македонски народ“ затоа што е идентитетско прашање кое не зависи од нивната волја.
Според припадниците на „Виножито“ во Грција решавањето на проблемот на македонското малцинство во Грција е проблем на Грција и дека треба да биде решен од нејзина страна, со помош на демократите – Грци и европските и светските институции поврзани со заштитата на малцинските права. Патот води преку демократизацијата на грчкото општество. Тој пат е тежок и долг, личи на пловење по „бурно море“, но води до „демократско пристаниште“. Тие се убедени дека македонскиот национализам ќе биде трагичен ако „стане карикатура на грчкиот“, ако инсистира на корени и на пристапот – кој прв дошол или не дошол на одредена територија и во какво својство.
Во Амандманот пошироко се гарантира и штити македонскиот идентитет отколку што беше предвидено во Нацрт – амандманот предложен од Владата на РМ. Во него се наведува дека Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ. Ова решение извира непосредно од Договорот од Преспа, од одредбите со кои се определува територијата, јазикот, народот, историјата, културата и наследството на нашиот дел од Македонија (чл. 7, точ. 3).
Наведениот член од Договорот отвoра простор за афирмација на идентитетот на македонскиот народ, многу пошироко од просторот што го дава Амандманот VIII на Уставот кога е во прашање идентитетот на малцинските заедници во Македонија. Авторите на Договорот биле свесни дека идентитетските прашања се поврзани со свеста на луѓето и нивните чуства, а не со државната регулатива и меѓународното право. Тоа го сфатија и осумтемина пратеници од опозицијата кои го поддржаа парламентарното мнозинство да ја отвори, а потоа и да ја заврши постапката за уставните промени. Беше напнато, но сепак успешно.
Решението за државјанството е преземено од Договорот во Преспа
Уставниот закон за спроведување на амандманите непосредно ја презема одредбата на Договорот за македонското државјанство, така како што е запишана во самиот договор. Тоа е потврда дека Договорот од Преспа има уставен карактер и дека претставува извор на уставното право.
Државјанството е македонско со што се зајакнува македонскиот карактер на државното уредување во правна, политичка и културна смисла. Тоа е чекор напред во однос на досегашното уставно решение за државјанството кое е исклучиво правно, безлично. Новото поимање на државјанството не ја определува ниту ја предодредува етничката припадност на граѓаните, но не ја исклучува ни можноста од нивно поклопување кај оние граѓани што се чуствуваат како Македонци или кои сакаат да бидат Македонци, независно од нивната етничка припадност или неприпадност.
Ако припадниците на „Виножито“ имаат модерен пристап кон нациналното малцинство, авторите на Договорот од Преспа имаат современ пристап кон државјанството. Со такво сфаќање на државјанството, македонското општество побрзо ќе се трансформира од мултиетничко во граѓанско општество и посигурно ќе се движи кон ЕУ.
Уставните амандмани се усвоени на 11 јануари 2019 година, по долги и тешки преговори на парламентарното мнозинство со опозицијата за обезбедување на 81 глас во Собранието. И во Парламентот на Грција, парламентарното мнозинство со тешки маки успеа да обезбеди 153 гласа за ратификација на Договорот од Преспа на 25 јануари 2019 година. Од отпорот во двете земји јасно се гледа колку Рабиндрант Тагоре бил во право кога во 1912 година тврдел дека „национализмот е страшна епидемија која го труе човештвото“, дека е „густа неподнослива магла која го затскрива дури и сонцето“ и дека „Нацијата може да биде најголемо зло за самата Нација“.
Затоа постои предлог авторите на Договорот од Преспа да ја добијат Нобеловата награда за мир за 2019 година. Тие тоа го заслужуваат бидејќи силно го кршат национализмот во сопствените земји и отвoраат перспективи за пријателство и добрососедски односи.