Владата на последната седница ги разгледа и усвои Стратегијата и Акцискиот план за превенција и заштита на децата од насилство во Република Северна Македонија. Националната стратегија (2020-2025) и Акцискиот план (2020-2022) ги претставува визијата, целите, стратешкиот пристап на Владата и активностите што треба да се преземат и унапредат при превенција и заштита на децата од сите видови на насилство. И двата документи беа подготвени од Националното координативно тело за превенција и заштита на децата од злоупотреба и занемарување. Во подготовката учествуваа претставници од Министерството за труд и социјална политика и од други министерства, како и од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје и други граѓански организации.
Заштитата на децата од насилство претставува едно од основните права на секое дете. За жал, насилството останува да биде сериозна реалност за милиони деца во светот, оставајќи долгорочни последици врз нивниот развој, здравје и благосостојба. Кога станува збор за насилството врз децата мошне тешко е да се дефинира вистинскиот обем на проблемот, првенствено поради недоволното пријавување на случаите на децата жртви. Сепак, истражувањата спроведени во светот и кај нас покажуваат дека многу деца непотребно и тивко страдаат од насилство. Насилството се случува во дoмот и во заедницата и често останува нерегистрирано од страна на институциите одговорни за заштита на децата.
Во Република Северна Македонија заштитата на децата од насилство во последните 15 години е ставено како приоритет на кој континуирано и систематски се работи преку подобрување на политиките, законската рамка и низа мерки и активности за унапредување на системот за превенција и заштита на на децата од насилство. Покрај вложувањето во мерките за заштита на децата од насилство преку законските измени и развивање на програми и услуги, преземени во изминатиот период, во иднина неопходно е да се стави поголем акцент на превентивните програми и активности засновани на докази.