Театарските институции во земјава утре, 27 март, со пригодна програма ќе го одбележат седумдесетгодишниот јубилеј на ИТИ (Интернационален театарски институт) и Светскиот ден на театарот.
На големата сцена во Mакедонскиот народен театар утревечер, со почеток во 21 часот, ќе биде одиграна претставата „Силјан штркот шанца“ од Дејан Дуковски, а во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. За сите љубители на театарот кои сакаат да го одбележат овој светски ден во МНТ, изведбата ќе може да ја гледаат бесплатно, а билетите треба да ги подигнат еден час пред почетокот на претставата.
На малата сцена во МНТ, пак, вечер и утревечер од 19 часот премиерно ќе биде изведена „Голем студ“ – дипломска претстава на студентите од Одделот за драмски актери во класата на проф. Зоја Бузалковска и доц. Александар Степанулески на Факултетот за драмски уметности. „Голем студ“ е работена по сценариото на американскиот филм „The Big Chill“ од 1983 година на Лоренс Каздан и Барбара Бенедек.
Светскиот ден на театарот, истовремено и шестиот роденден на Театарот Комедија, оваа национална установа ќе ги одбележи со премиерната изведба на претставата „Не сега, драга“ од Реј Куни, а во режија на Коле Ангеловски. Драматург на претставата е Дарко Јан Спасов, сценографијата ја изработи Илина Ангеловска, а костимите се дело на Раде Василев. Во претставата настапуваат актерите Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски–Тино, Ева Скендеровска, Дарко Вељиќ, Едмонд Сотир, Кристина Ласовска, Жарко Димоски и Тања Мицков.
Во Драмскиот театар, пак, ќе биде изведена претставата „Лет над кукавичјoто гнездо“ од Дејл Васерман, според новелата на Кен Киси, во режија на Ристо Алексовски. Сценографијата и костимите во претставата се дело на Ѓорѓе Јовановиќ, а музиката е на Милан Димушевски. Настапуваат Сашо Тасевски, Емилија Мицевска, Соња Стамболџиоска, Благој Чоревски, Диме Илиев и други.
По повод Светскиот ден на театарот, во Народниот театар во Штип ќе гостува претставата „Среќна Нова година“ на Турскиот театар од Скопје во режија на Бојан Трифуновски. Сценографијата е на Љупчо Јованов, костимографијата на Елена Вангеловска и Антонија Гугинска-Јордановска, а музиката на Ади Имери. Улогите ги толкуваат: Фунда Ибрахим, Несрин Таир, Зубејде Али, Емине Халил, Селпин Керим и други. Претставата ќе биде на турски јазик со титлуван превод на македонски јазик.
Во Театарот „Јордан Х.К.-Џинот” во Велес ќе биде изведена претставата „Кралските копилиња”, авторски проект на Сашо Димоски. Станува збор за праизведба на современиот драмски текст „Кралските копилиња“ од Сашо Димоски, кој во својата жанровска дефиниција е театар на телото во епски слики, работен според посттројанскиот митски циклус сместен во кралската куќа Арг. Во претставата настапуваат актерите Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Талија Настова, Жарко Спасовски, Марија Стефановска, Фаик Мефаилоски и Маја Љутков. Сценографијата е на Филип Коруновски, костимографијата на Катерина Чукниева, музички соработник е Сашко Костов, а автор на дигиталните скулптури и на плакатот е Адам Мартинакис.
На Светскиот ден на театарот, охриѓани во 20 часот ќе имаат можност да ја проследат комедијата „Аналфабет“ од Бранислав Нушиќ, со актерите Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски и Адријана Билаловиќ Тодороска. Претставата е во режија на Ѓорѓи Ризески.
Народниот театар во Битола вечер и утревечер ќе ја прикаже претставата „Смислата на животот“ од Идо Нетанјаху, во режија на Благој Мицевски. Драматург на претставата е Оливера Павловиќ, сценографијата ја изработи Валентин Светозарев, а костимите и изборот на музиката се на Благој Мицевски. Настапуваат: Петар Горко, Васко Мавровски, Соња Михајлова, Сандра Грибовска, Борче Ѓаковски, Ангел Мицевски и Иван Јерчиќ.
На големата сцена на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица утре со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Царот Владислав“ по текст на Борис Јанков, во режија на Бранко Ставрев, а во која учествува речиси целокупниот ансамбл на струмичкиот театар. Влезот е бесплатен.
Во Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, по повод Светскиот ден на театарот, публиката ќе може да ја проследи претставата „Љубовни пози на историјата“ во режија на Наташа Поплавска. Автор на текстот е Горан Стефановски кому како инспирација му послужила книгата „Неморалната историја на Првата светска војна“ од Магнус Хиршфелд. Настапуваат Димитар Ѓорѓиевски, Даниела Иваноска, Игор Трпчески, Зоран Иваноски, Катерина Чакмакоска Клинческа, Јасмина Мицовска Станкоска, Димитар Црцороски, Наташа Наумоска, Илија Волчески, Ангела Наумоска и Михајло Миленкоски.
Театарот во Куманово, по повод Денот на театарот, ќе ја прикаже претставата „Интрига и љубов“, по текст на Фридрих Шилер, а во режија на Љупчо Ѓорѓиевски. Учествуваат актерите Нина Максимова, Марко Трајковиќ, Горан Илиќ, Кети Дончевска Илиќ, Јордан Витанов, Антонио Димитриевски, Александра Пешевска и Мирослав Петковиќ. Драматург на претставата е Зоран Зафировски, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата е на Андреј Ѓорѓиевски, а композитор е Марјан Неќак. Влезот е слободен.
Тетовскиот театар утре во 20 часот пред публиката ќе ја изведе претставата „Волпоне“, една од најголемите и најпознати сатирични комедии во светската драматургија од англискиот ренесансен автор Бен Џонсон, во режија на Сулејман Рушити. Во претставата учествуваат актерите Арсим Калеци, Сами Мустафа, Линда Шабани, Шкумбин Зеќири, Елмедина Амети, Хасим Мемиши, Арѓенд Асани, Берат Салиу, Елмир Сејфулаи и Арсим Калеци.