Вангеловски не и дозволил на комисијата за Грујовски и Бошковски да влезе во Врховен

Сподели

На Комисијата која истражува дали судиите од Кривичниот, Апелацискиот и Врховниот суд, кои одлучувале по барањата за притвори ја прекршиле постапката и им овозможиле на Горан Грујовски и на Никола Бошковски да побегнат од државата, денеска не и било дозволено да влезе во Врховниот суд и да изврши увид во списите од предметите „Таргет“ и „Тврдина“.

Како што соопштија од Советот за утврдување на факти, кој ја формираше комисијата, минатата недела го информирале Врховниот суд дека денеска ќе вршат увид во документите, но кога пристигнале во судот, судската полиција не ги пуштила да влезат внатре.

Според Советот, припадниците на судската полиција им кажале на членовите на комисијата дека не ги пуштаат внатре оти била таква наредба добиле од претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.
„На барање на членовите на Комисијата да им се објасни, кој не го дозволува нивниот пристап во судот и извршување на потребното службено дејствие – увид во списите на предметите, судската полиција усно објасни дека претседателот на Врховниот суд, им наредил да не ја пуштаат Комисијата во судот. Потоа Претседателот на Врховниот суд по телефон го повика претседателот на Комисијата и му предочи дека претходно упатил писмо до Советот за факти во кое го известил дека не дозволува да се врши увид во бараните списи, се додека на судот не му биде доставен основот поради кој Комисијата го бара увидот, а потоа тој ќе оценел дали ќе дозволи увид, ќе определел термин и простор каде да биде извршено таквото дејствие, со закана дека со ваквиот начин на комуницирање ќе сносиме последици“, стои во соопштението од Советот за утврдување на факти.

Оттаму велат дека ваквото однесување Вангеловски претставува спречување на членовите на комисијата во вршењето на нивните овластувања, согласно членот 42 од законот за Советот за утврдување на факти, поради што, како што велат од Советот, ќе поведат кривична постапка против Вангеловски пред надлежен јавен обвинител.
Од Советот напоменуваат дека ова не е прв пат Вангеловски и судиите во Врховниот суд да прават опструкции кога биле повокувани од Советот да дадат изјави или да овозможат пристап до информации кои ги има Врховниот суд.

„И денешното однесување на претседателот на Врховниот суд претставува повторување на нивното претходно однесување, односно и понатаму тече опструкцијата“, велат од Советот.

meta.mk