ВАТИКАН: МАЈКА ТЕРЕЗА ПРОГЛАСЕНА ЗА СВЕТИЦА

Сподели

a_101_teresab_151218.nbcnews-ux-1080-600

Папата Франциск пред стотици илјади граѓани на плоштадот Свети Петар во Ватикан ја прогласи Мајка Тереза за светица.

Во тек е процесијата околу канонизацијата на светицата Мајка Тереза, а папата Франциск пред граѓаните читаше од светата книга на мудроста.

На прогласувањето во Ватикан присуствува делегација на Македонија во која се претседателот Ѓорге Иванов, министерот за надворешни работи Никола Попоски, министерката за култура Елизабета Канчевска-Милеска, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев.

По повод прогласувањето на Мајка Тереза за света, во Скопје се одржува манифестација „Денови на Мајка Тереза“ која почнува денеска со света литургија во Спомен домот на Мајка Тереза, а ќе заврши на 11 септември со прогласувањето на домот на Мајка Тереза за светилиште.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски на својот профил на „Фејсбук“ профил напиша дека покренал иницијатива да се воспостави меѓународен орден за заслуги „ Мајка Тереза“, кој би се давал на истакнати жени од светот со особени и вонредни достигнувања во различни области.

„Замислата е орденот за заслуга да се воспостави со точен ред и прецизни критериуми со единствен домашен и меѓународен борд во кој задолжително би учествувал секој министер за надворешни работи од Македонија, но во бордот би биле, покрај него и други личности од Македонија, а би имало и истакнати високо авторитетни личности од различни држави и области во светот. Би се воспоставил прецизен ред по принципот како тоа што е направено во земји со долга традиција од ваков вид, на пример Франција или Англија. Самиот чин на давањето и врачувањето на орденот за заслуга би бил афирмација на делото и животот на Мајка Тереза, но и афирмација на Македонија. Се разбира би било и огромна чест за оној кој ќе ја прими и кој ја заслужил“, напиша Груевски на „Фејсбук“.