Во рамките на музичката програма на „Охридско лето“, вечер (20 јули), во 21 часот, во црквата „Св. Софија“ во Охрид концерт ќе одржи пијанистот Дино Имери. На програмата се дела од Шопен и од Рахманинов.
Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Со огромен успех настапува на престижните сцени низ светот како гостин на врвни оркестри, како уметник изведувач на рецитали и како камерен музичар. Настапувал со: Стразбуршкиот филхармониски оркестар, Софиската филхармонија, Филхармонијата на Република Северна Македонија, Симфонискиот и Камерниот оркестар на ФМУ – Скопје, Оркестарот на НОБ.
Добитник е на многубројни награди и признанија. Имери се потпишува на повеќе изданија за престижни дискографски куќи, а бележи успеси и како композитор, пишувајќи музика за филм, театар, инструментална и вокална музика. Од 2018 гoдина предава на Факултетот за музичка уметност во Скопје при УКИМ.