Од вечерва до 26 октомври во Кинотеката ќе се организира Недела на албански филм.
На петдневната манифестација, реализирана од Кинотеката и Националниот филмски центар на Албанија ќе бидат прикажани по пет долгометражни и кратметражни играни филмови од поновата продукција.
На отворањето на Неделата ќе гостуваат: Едуарт Макри, директор на Националниот филмски центар на Албанија, и Н.Е. Фатос Река, амбасадор на Албанија во Скопје.
Прв филм на програмата е „Моето езеро“ на Ѓерѓ Џувани, веројатно еден од најпознатите и најуспешни албански филмски автори во овој век, кој почина пред две години (Тирана, 1962 – Рим, 2019). Џувани режираше девет долгометражни играни филмови, од кои на македонската публика можеби најпознати наслови и се „Пароли“ (2001) и „Исток, Запад, Исток: Финален спринт“ (2009); делумно сниман и во Македонија), прикажувани на Скопскиот филмски фестивал.
„Моето езеро“ има алтернативен наслов „Мојот филм“, во кој Џувани ја отсликува тридецениската приказна од „темната страна“ на албанското општетсво – трговија со дрога, насилство меѓу младите – која се повторува и повторува…
Следува „Зората“ на Гентиан Кочи, дебитанско долгометражно играно остварување на овој млад режисер, кој е автор на неколку кратки и документарни филмови. Станува збор за социјална драма за нужното снаоѓање во борбата за егзистенција на една млада самохрана мајка.