Во почетокот на март оваа година, медиумите нè информираа: „Во хотелот ‚Александар палас‘, вчеравечер, традиционално се одржа ‚Виенскиот бал‘ во Скопје, во организација на Здружението за културна соработка ‚Јохан Штраус‘… Организацијата, програмата, уметниците и зрелата балска публика на 18-то издание на оваа манифестација, потврдија дека ‚Виенскиот бал‘ во Скопје е конкурентен на кој било виенски бал одржан во светските метрополи…“
Тука, на скапиот изгланцан мермерен под на хотелот „Александар палас“, се најдоа мноштво наши познати „дами“ и „господа“, мноштво автентични Македонци и Македонки од оваа наша „библиска“ земја. Овие наши буржуи и „примерни“ православни христијани, кои пристигнале тука со своите луксузни и прескапи автомобили, удобно вкалапени во брендирана и скапа облека и накит, сите редум „убедени“ демохристијани или социјалдемократи, кои иако нè убедуваат дека нивниот интерес за политиката е од алтруистички или патриотски побуди, сепак целосно извесно и недискутабилно е дека политиката ја сфатиле и ја практикуваат како најпрофитабилна дејност во сопствените животи.
Всушност, гледајќи ги отстрана и од пристојна далечина овие наши „патриоти“, демохристијани и социјалдемократи, овие наши „елитисти“, како се движат во ритамот на валцерот, човек сосема погрешно би помислил дека ние сме влегле во „семејството на европските народи“. Ама, сè тоа е само – кулиса. Само ако малку се поместите од овој мермерен подиум, само малку ако го свртете погледот од оваа наша малограѓанска збирштина од машки и женски високоплатени проститутки и политички камелеони, сликата веднаш ви ги разбива сите илузии, оти ќе видите калливи и ископани улици, кичерски споменици на големи убијци, ќуќарки кои се распаѓаат, небојадисани и излупени фасади…, ќе почувствувате отворена смрдеа од неисчистените јавни клозети, од преголемото количество на pm-честичките, од издувните гасови на прастарите автомобили, од немањето лична хигиена кај луѓето кои поминуваат покрај вас… Сè околу вас е сиво, гнасно, гадно и грдо. Гледате, мирисате, чувствувате една балканска провинција во која луѓето живеат сиромашно, иако портокаловата пропаганда непрестано, сè уште, ве убедува дека сме „трета економија во светот“, а при сето тоа многумина сонуваат за големи земни царства; во која децата умираат заради лошото здравство и бирократизираните социјални служби, ама сите се надеваат на подобар и поубав живот во небесното царство; во која ситните портокалови буржуи се типични малограѓани кои во секоја пригода, такаречи секојдневно, ги изневеруваат своите партнери, ама се крајно религиозни, па дремат на неделните црковни служби и безбројпати се крстат и молат на Господ; во која оние кои најмалку работат, најмногу заработуваат; во која урбаните сељаци и типичните селани се „главни“, а младите нив ги имитираат, копираат и се трудат да го стигнат токму тоа ниво на интелектуалната и општествената скала.
Да ја детектирате провинцијалноста и нејзината смрдеа не е некој голем „писателско-аналитички“ зафат, но прашање на интелектуална чест е да укажете дека токму таа медиокритетска и квазиполитичка провинцијалност се издига на пиедесталот на цивилизираноста. Прашање на интелектуална должност е да предупредите дека не може да произлезе ниту минимално реална оцена и процена кои сме и каде се движиме како нација и држава, ако преку разлигавен партиско-политички полтронизам, се создава идолопоклонство кон некаква квази културно-политичка елита.
А, каде беше празнувањето на празникот „Први мај“ оваа 2017 година? Го немеше?! Нормално, во ненормална земја него нема да го одбележи ниту социјалдемократијата, оти некој, некогаш, им ја продал лагата и глупоста дека се само маскирани демохристијани и поголеми православни верници од самиот архиепископ, па затоа треба да ги слават само верските празници, кои се во прилог токму на портокаловиот клер, кој низ градските плоштади, долги години наназад, фрла анатеми врз нив. Да, оваа ситуација со нашата социјалдемократија, идеологијата и религијата е контрадикторна и е пример за еклатантен идеен мазохизам. Со кој, секако, нема да се стигне далеку во политичката борба.