На 7 јануари, по повод еден од најголемите христијански празници Божиќ, во Македонската опера и балет во 12.30 часот, Македонската филхармонија ќе одржи Божиќен концерт на кој како солист, но и како диригент, ќе се претстави светски познатиот виолинист Џулијан Рахлин…
Џулијан Рахлин е еден од највозбудливите и најпочитуваните виолинисти на нашето време. Во последните 27 години, тој ја маѓепсува публиката низ целиот свет со неговиот исклучително богат звук, беспрекорна изведба и маестрални интерпретации, соработувајќи со најпрестижните диригенти 2 и оркестри. Неговата желба да ги проширува сопствените музички хоризонти, ќе го одведе Рахлин и во сферата на диригирањето, а чести ќе станат и неговите изведби на виола.Критиките се секогаш на негова страна. Славниот диригент Марис Јансон ќе каже: „Џулијан ја чувствува музиката од длабочината на срцето“, додека маестро Зубин Мехта ќе изјави: „Тој е мошне дарежлива личност во животот и во музиката и тоа силно се чувствува додека свири“.
Билетите се продаваат на билетарата во Дом на АРМ, секој ден од 10 до 16 часот, по цена од 900, 1200 и 1500 денари. Инаку, билетарата во Дом на АРМ ќе работи и на 3, 4,5, и 6 јануари од 10 до 15 часот, додека на денот на концертот билетите ќе можат да се купат на билетарата во МОБ.