Свеченото отворање на изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ кое се одржа денес, претставуваше централна манифестација на државно ниво во организација на Државниот архив, институција која има мисија да ја чува меморијата на македонскиот народ и да го актуелизира културно-историското наследство на државата. На овој ден, пред 150 години бил роден Гоце Делчев (1872 – 1903), еден од најзначаните историски личности кои оставиле белег во времето во кое живееле сѐ до денес.
Изложбата која беше подготвена од врвни професионалци од Државниот архив, денес беше претставена на свечен настан во Музејот на македонската борба, пред државници, амбасадори и научни работници. Пред присутните се обратија претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој беше покровител на изложбата, директорот на Државниот архив д-р Емил Крстески и авторката д-р Јасмина Дамјановска.
Државниот архив располага со 41 оригинални писма кои биле предадени заедно со моштите на Гоце Делчев. Посебен интерес предизвикува делот кој ги претставува материјалите од оставината на потомците на Гоце Делчев, отстапен од неговата внука Велика Чопова-Јурукова на Државниот архив. Изложбата ќе биде поставена десет дена во Музејот на македонската борба при што заинтересираните граѓани ќе може да ја погледнат.