Специјалното јавно обвинителство (СЈО) не заминува воопшто во историјата и не е точно дека во разговорите со опозицијата кога било се заклучило дека повеќе нема да функционира. Напротив, СЈО ќе функционира, рече денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски, одговарајќи на новинарски прашања за преговорите со опозицијата за законот за јавно обвинителство.
Бошњаковски потенцираше дека преговорите не се водат зад затворени врати затоа што секогаш има информации во јавноста, а министерката за правда Рената Дескоковска секогаш е достапна и ги дава сите детали.
– Законот не го пишуваме за нас, туку за граѓаните – посочи Бошњаковски.
Намерата, наведе, е да имаме двотретинско мнозинство, овој закон да биде тој што ќе не забрза на патот кон Европската Унија за да го добиеме датумот.
-Овој е еден од реформските закон што претставниците на Европската Унија очекуваат да го донесеме заеднички и да најдеме заедничко решение – рече Боњаковски.