Стигнаа во Собранието петте предлог-закони со европско знаменце, предложени од Владата кои се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10д.
Како што е објавено на веб-страницата на законодавниот дом, овие пет предлог-закони се ставени на 115. пленарна седница закажана за во среда во 11 часот.
Станува збор за предлог-измени на Законот за работни односи, на Законот за експропријација, Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење и на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија.
Како што може да се види од собраниската веб-страница, во образложенијата на сите предложени измени на законите, делот пет, односно точката 5 насловена како: „Преглед на регулативи од други правни системи и усогласеноста на предлогот на Закон со правото на Европската Унија“, е празен.
Ако во среда на пленарна седница го поминат првиот филтер за потребата од скратена постапка, најверојатно експресно ќе се најдат и на собраниската Комисија за европски прашања.
„Она што мислам дека треба отворено да си го кажеме е дека оваа одлука е донесена за да се заобиколи нелегитимната блокада од страна на Левица – проруска партија, анти-НАТО партија, анти-ЕУ партија, којашто ќе направи сè за да ги спречи коридорите коишто се впишани во трансевропските мрежи и за еден ваков проект реазлизиран од американска компанија“, рече Маричиќ.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ и претседател на собраниската Комисија за европски прашања, Арбер Адеми на денешната прес-конференција истакна дека ќе се држи по деловничките правила и се надева дека опозицијата нема да ја опструира процедурата.
-Јас сум еден од претседателите на работните тела кој секогаш сум свикал седница за било која точка кога Пленумот ме поврзат да свикам таква седница. Ако на пленарна седница мнозинството на пратениците ќе одлучат да бидат разгледани овие предлог-закони, секако дека веднаш би свикал седница на Комисијата, рече Адеми.
Според пратеникот на СДСМ, Миле Талески, со предлог-законите кои влегуваат во парламентарна процедура се унапредува ефикасноста во изградбата на патната, железничката и енергетската инфраструктура во државата.
-Со предог законите кои влегуваат во собраниска процедура се унапредува ефикасноста во изградбата на патната, железничката и енергетската инфраструктура во државата. На тој начин, се обезбедува побрза, поевтина и квалитетна изградба не само на овој проекти, туку и за сите идни национални и стратешки проекти, како автопати, железници, гасоводи и слично. Меѓу нив спаѓаат и проекти финансирани од ЕУ, од меѓународни финансиски институции. Сите предложени законски измени се во согласност со Уставот и со нивното донесување ќе се заштедат 150 милиони евра и две години изградба за коридорите 8 и 10д, рече Талевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги повика Делегацијата на ЕУ во земјава и амбасадите на секоја земја-членка на Унијата поединечно, уште денеска да излезат со став во врска со ставањето на предлог-измените во собраниска процедура, по скратена постапка, односно со европско знаменце.
Додека траеше состанокот со Сојузот на стопански комори состојбата е изменета, односно не дека имаат намера туку дека законите се пристигнати во парламент со европско знаменце и јас денеска нема да го коментирам ова, ќе оставам од страна на Европската комисија, односно од Канцеларијата на Европската комисија тоа во текот на денешниот ден да биде искоментирано. Доколку тоа не се случи, тогаш од утре ќе отвориме јавна дебата и по тоа прашање, затоа што вересиите кои ги видовме во делот пет, кој вообичаено се користи за објаснување со кои делови од европската регулатива се усогласува овој закон, замислете, во овие предлози е празен, значи не стои таму во што се усогласува. Така ако до пред неколку минути имаа намера, еве сега сакам да ве информирам дека веќе се пристигнати законите со европско знаменце во парламентот и ја повикувам Канцеларијата на Европската комисија во Македонија, ги повикувам амбасадите на земјите од Европската Унија да се произнесат во текот на денешниот ден за ова што денеска го направи Владата на ДУИ и СДСМ, изјави Мицкоски.