Владата на денешната 77-ма седница го усвои Протоколот за организирање државни настани.
На оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои „Информацијата за работата на Советот за управување со јавни финансии со Нацрт-годишен извештај за следење на спроведувањето на Акцискиот план за Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии за 2019 година, за периодот јануари 2019 година – декември 2019 година“, и го усвои Акцискиот план за спроведување на Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии за 2020 година.
Како дел од заклучоците од оваа точка Владата ги задолжи Министерството за финансии, Министерството за економија, Управата за јавни приходи, Царинската управа, Бирото за јавни набавки и Државниот завод за статистика, а им препорача на Државната комисија за жалби по јавни набавки и Државниот завод за ревизија да ги реализираат активностите од Акцискиот план за спроведување на Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии за 2020 година согласно планираната динамика и за истото да ги обезбедат потребните ресурси (материјално – технички, човечки и финансиски).
На денешната седница е разгледана и усвоена и Информацијата за пристапување на Република Северна Македонија кон европската рамковна програма за истражување и иновации „Хоризонт Европа“ (2021-2027), а Министерството за образование и наука доби задолжение да изготви и достави писмо за изразување интерес за пристапување на земјата кон Рамковната програма на Европската унија за истражување и иновации „Хоризонт Европа“ до крајот на август 2020 година.
Владата денеска ги усвои и информациите за напредокот на Република Северна Македонија во делот на „Цивилна подготвеност“ НАТО Процес на одбранбено планирање (NDPP) за период јануари 2020 година – јуни 2020 година, и Информацијата за учеството на Република Северна Македонија во НАТО Процесот на одбранбено планирање (NDPP).