Влада: Остануваме отворени за секој конструктивен предлог од професионалните и одговорни медиумски организации

Сподели

 

Владата уште на почетокот на здравствената криза со коронавирусот, препозна дека една од повеќето важни задачи што претстојат е навременото, постојано и веродостојно информирање, а со цел заштита на јавното здравје и здравјето на секој граѓанин во земјата.

Централна алатка на таа стратегија беа и останаа дневните прес-конференции на официјалните институции, кои во зависност од динамиката и развојот на кризата се реализираат најмалку еднаш дневно. На прес-конференциите главен фокус имаат информациите кои доаѓаат од Министерството за здравство, согласно типот на кризата, а често се организираат мултиресорни прес-конференции или прес-конференции на други министерства кои навремено известуваат за сите важни и сервисни информации за потребите на граѓаните. Пристапот на медиумите до сите прес-конференции на Владата е непречен преку различни комуникациски канали (видео врска, емајл, телефон, чет апликации и слично).

Овие принципи на комуникацијата на Владата со медиумите одеа во прилог на препораките на Здружението на новинарите на Македонија и на Европската федерација на новинари (ЕФН), медиумите да известуваат одговорно и да избегнуваат создавање неоправдана паника во јавноста при известувањето за коронавирусот и КОВИД-19, да се придржуваат до етичките правила при своето работење и да не придонесуваат во ширењето невистини и создавањето паника во јавноста и да отстапат простор на експертите кои се квалификувани да известуваат и коментираат за ваквите чувствителни прашања.

Во истата насока би сакале да се заблагодариме на ЗНМ, за заложбите и посветената работа за точно информирање од страна на медиумите и апелите кон медиумите за воздржување од сензационализам и дезинформирање, односно придржување до Етичкиот кодекс при известување за пандемијата.

Владата ја прифати како апсолутно соодветна и препораката „граѓаните да внимаваат од кои медиуми се информираат за овие теми и предност да дадат на медиумите кои се дел од регистарот на професионални онлајн медиуми“ (ЗНМ: Новинарите да известуваат одговорно и да избегнуваат создавање неоправдана паника во јавноста, 10 март 2020 година).

Како што пандемијата започна да постигнува интензитет, така се зачестија барањата на акредитираните новинари што известуваат за настаните во организација на Владата, како и на нивните редакции, за обезбедување услови за заштита на новинарите во извршувањето на нивната работа. Овие барања се совпаднаа со ограничувањата на Владата за физичко групирање па многу бргу беше обезбедена алатката за онлајн видео прес-конференции за што беше распишан повик за акредитација за да се обезбеди можноста за онлајн видео вклучување на прес-конференциите во Владата, за време на вонредната состојба. Онлајн видео прес-конференциите беа поздравени од повеќето медиуми, имајќи предвид дека со нив се обезбеди двонасочна комуникација без да има потреба од физичко групирање на медиумските работници.

Можноста за вклучување во живо на онлајн прес-конференции, како и можноста за обезбедување дозволи за движење за време на полициски час, Владата мораше да ја обезбеди согласно постоечки професионални и независни критериуми. Владата за таа цел се водеше според сите постоечки регистри на медиуми во земјата, без оглед дали доаѓаат од регулаторното тело АВМУ или се саморегулирачки како тој на ЗНМ/СЕММ. Во време на вонредна состојба, кога граѓаните се потпираат на информациите од медиумите за да го заштитат сопственото здравје, Владата мора да го штити јавниот интерес и професионалното известување, а нема подобар начин да се следат критериуми и стандарди, од тоа да се земат предвид постоечките регистри на професионални медиуми, кои секако не ги креира Владата.

Онлајн прес-конференциите на Владата беа и остануваат на македонски и албански јазик, а во голема мера се запазуваат и толкувачите на знаковниот јазик за лицата со попреченост.

Дополнително, воведена е пракса за секоја прес-конференција медиумите да можат да испратат на емајл или на другите канали прашања кои говорниците редовно ги земаат предвид и ги одговараат. Во Владата секој ден пристигнуваат прашања од медиумите кои веднаш или во оптимално време се одговараат и се адресираат до новинарите или редакциите што ги испратиле. Прашање и одговор преку е-пошта може да добие секој новинар, без разлика дали доаѓа од медиум кој се наоѓа во постоечките регистри или не.

Уважувајќи ги предлози на ЗНМ за дополнително унапредување на двонасочната комуникација меѓу владините претставници и претставниците на медиумите, информираме дека не постојат пречки на новинарите кои учествуваат во онлајн видео конференциите да им се овозможи да постават дополнително потпрашање, доколку со одговорот не добиле целосна информација и оваа можност веќе станува пракса.

Во насока на транспарентно и точно информирање, сакаме да нагласиме дека прес-конференциите кои речиси секојдневно се одржуваат во Владата не се и никогаш нема да бидат заменети со снимани емисии. Информативните прес-видеосесии имаа за цел да обезбедат дополнително информирање на граѓаните, при што на истите се одговараа и собрани прашања од граѓани кои стигаат до прес службите во Владата, а за кои немало можност да бидат адресирани со прес-конференциите. Последните две прес-видеосесии, вклучително и посочената „КОВИД-19 – Прашања и одговори: Сè за коронавирусот” се реализираа во живо, не беа снимени и беше овозможено и реализирано вклучување на сите заинтересирани медиуми, при што новинарите им поставуваа прашања на претставниците на медиумите и добиваа одговори.

Уверуваме дека Владата ќе продолжи да ја унапредува двонасочната комуникација со медиумите, што е еден од примарните владини комуникациски принципи, преку секојдневно организирање прес-конференции, прес-видеосесии и друг тип на прес настани во живо на кои медиумите ќе имаат можност непречено да поставуваат прашања, да добиваат одговори од институциите и да поставуваат потпрашања доколку за тоа имаат потреба.

Во врска со прес-конференцијата организирана во Куманово при посетата на владините претставници на Општинскиот кризен штаб, информираме дека Владата нема пракса и не се појавува во улога на организатор на прес настани кои се одржуваат во локалните самоуправи. Како и при секоја друга посета на општина, така и овој пат, Владата даде препораки и насоки за реализацијата на прес-конференцијата, го најави учеството на владините претстатвници на прес-конференцијата, но не беше организатор на истата. Прес службата на Владата беше во комуникација со општинските служби кои ја утврдија локацијата за одржување на прес-конференцијата. Во однос на препораки беше препорачано да се изврши дезинфекција на цел простор и говорницата, поставување на микрофони на говорница, замолување на камерманите да се позиционираат на безбедно растојание и сите да носат заштитна опрема. Од нашиот увид на терен, општинските служби имаа преземено активности за запазување на дадените инструкции.

Со цел натамошно подобрување на комуникацијата, Владата останува отворена за сите предлози на медиумите и во таа насока охрабруваме истите секогаш да бидат споделени со институциите. Владата во своите политики демонстрираше капацитет и слух за секоја конструктивна насока која доаѓа од медиумите и во таа насока ќе се продолжи.

Во оваа прилика сакаме да ја изразиме нашата благодарност до ЗНМ и до сите медиуми и медиумски работници за посветеноста за информирање на населението за подобро справување со коронавирусот – се наведува во денешното соопштение на Владата.