Владика Агатангел: Ќе бидам само учесник, а не предводник на денешниот протест

Сподели

Владиката Агатангел, кој беше најавен како предводник на вечерашниот протест за одбрана на државата и идентитетот на нацијата, негира дека тоа ќе се случи. Во изјава за „Макфакс“ владиката вели дека ќе биде само учесник, а не предводник. Тој за агенцијата рекол и дека секој треба да си ја гледа својата работа.

Протестот е организиран од повеќе здруженија кои се декларираат како патриотски организации, кои бараат да се стави крај на преговорите за името со Грција, повлекување на законот за јазиците, поништување на договорот со Бугарија, како и ослободување на притворените за инцидентите во Собранието на 27 април.

Протестот го поддржа и Антонијо Милошоски, поранешниот министер за надворешни работи, поранешен висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен пратеник во Собранието на Република Македонија. Тој во видео обраќање преку Фејсбук, со бебето во „кенгур“ вчера порача дека протестот доколку биде достоинствен и мирен може да ѝ биде и од помош на државата, без разлика кој раководи со неа.

„Дали некој сака да присуствува или не сака, може или не може, тоа е лична работа, но мислам дека како граѓани, како нација, како народ, добро е да покажеме дека имаме став. Борбата ниту ќе почне утре, почнала многу одамна, ниту ќе заврши тука“, порача Милошоски.

Маршот попладнево ќе почне пред Мисијата на Европската Унија, а ќе заврши пред Собранието.

Се бара безусловен прекин на разговорите за името и продолжување на членството во Обединетите нации и во меѓународните организации под државното име Македонија, повлекување на Законот за употреба на јазиците, на Договорот со Бугарија и итно ослободување на притворените и осудените за собраниските настани од 27 април лани. Барањата ќе бидат доставени до претседателот, до Собранието, до Владата и до странските амбасади во Македонија.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие не се организатори, но дека го поддржуваат уставното право на мирен протест.