Владимир Панчевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд Скопје, од денeска напладне се наоѓа во КПУ Затвор Скопје, Шутка. Тоа за МИА го потврдил директорот на затворот, Есад Рахиќ. Според него, Панчевски денеска во 12 часот напладне самиот се пријавил во затворот. При приемот бил прегледан, му била измерена температура и откако се утврдило дека нема никакви симптоми на ковид-19, примен е во притворското одделение.
Скопската полиција претходно во три наврати не успеа да го пронајде обвинетиот Панчевски на неговата адреса и како што соопшти вчера министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, затоа по него била распишана потерница.
Судот во Велес во петокот му одреди 30 дена притвор на Панчевски, поради неприсуство на рочиштето за предметот АКМИС, во кој е обвинет. На рочиштето не бил присутен ниту неговиот бранител.
Против Панчевски беше поднесен обвинителен предлог од страна на скопското обвинителство, за злоупотреба на службената положба во врска со системот за управување со судските предмети (АКМИС) во Кривичниот суд. Судењето се одложува повеќе од девет месеци и досега не е почната ниту главната расправа.