ВМРО-ДПМНЕ и Левица-Битола изгласаа 10.000 денари помош по семејство за осудените за 27 април

Сподели

 

Продолжението на политичкиот циркус во Советот на општина Битола денеска резултираше со одлука која е надвор од општинските работи, туку се враќа на настаните од 27 април 2017. Советот донесе одлука на семејствата на осудените од крвавиот четврток да добијат парична помош од 10 илјади денари. Во образложението на одлуката се користеше формулацијата „неоправдано осудените“. Со продолжението на седницата претседаваше највозрасниот советник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата..

По турбуленциите изминатата недела, на седницата не се вратија ни претседателката на Советот од „Поинаку“, Габриела Илиевска, и нејзините двајца советници, ни советниците од СДСМ, ни пак советничката на ДУИ, па седницата продолжи со 16 од 31 член на Советот. Мнозинството на советниците на ВМРО- ДПМНЕ им го донесоа со двајцата советници на Левица и советничката на ДОМ. 

Кратко траеше продолжението на седницата на која беа изгласани сите останати точки од дневниот ред, речиси без дискусија. Единствено реакции имаше на иницијатива за доделување на финансиска помош во висина од 10 илјади денари по семејство на осудените за 27 април, што беше ставена на дневен ред од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Советничката на ДОМ се иззеде од гласање и рече дека Советот не е суд па да кажува кој е неправедно или праведно осуден.

„Имав забелешка околу оваа точка, околу формулацијата – ’неправедно осудените’. Ние не сме суд за да можеме да дадеме таква констатација. Праведно или неправедно осудени кажува судот, на оваа точка не ѝ е местото овде во Советот на општина Битола“, рече Анастасија Трајковска, советник од ДОМ и единствено таа не гласаше за иницијативата.

Гаврил Трајковски од Левица, иницијативата ја оцени како лицемерна, ама пак како партија двајцата советници гласаа за неа.

„Оваа точка е најлицемерната точка во историјата на Советот. Зошто двете пратенички на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за амнестијата на овие исти осуденици во парламентот, за сега комитетот на ВМРО-ДПМНЕ да прати иницијатива истите тие семејства да добијат финансиска помош. Не знам дали си ја перите вашата совест. Смешно и жално е да им дадеме по 10 илјади денари по семејство. Класичен поткуп. Ние ќе гласаме ‘за’, оти веруваме дека вистински им треба помош на тие семејства“,  рече советникот на Левица.

Во четвртокот, претседателката на Советот Илиевска ја прекина 76 седница откако советниците од СДСМ ја напуштија салата. Зошто се реши на ваков чекор засега нема сериозно образложение. Од тогаш досега се чека глас од претседателката дали ќе се врати да претседава во Советот или ќе се откаже од првата фотелја и ќе излезе од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Независната советничка Илиевска, за политичката јавност во Битола е во незавидна положба, а најголем притисок на нејзина адреса доаѓа од битолчани кои во коментарите на социјалните мрежи очекуваа оставка од претседател на Советот.